December 5, 2022 10:10
Свет

Стано: Референдумите во Русија се ескалација, ќе одговориме на соодветен начин

Европската Унија повтори дека референдумите кои се организираа овие денови во повеќе украински области за присоединување кон Русија се нелегални и нема да бидат признаени, јави дописничката на МИА од Брисел.

Портпаролот за надворешни работи, Петер Стано, изјави дека овие референдуми се одвиваат под воена закана и дека локалното население таму е протерано, и дека ЕУ нема да ги признае резултатите.

Русија од саботата до денеска организираше референдуми во Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје за присоединување кон Русија. Кремљ предупреди дека натамошна поддршка на западните сили во овие региони може да се смета за директно учество во воениот конфликт меѓу Русија и Украина.

– Земјите членки на ЕУ соопштија дека овие референдуми сè уште знак на ескалација од страна на Русија, а ние ќе реагираме на соодветен начин, одговори Стано на прашање како ЕУ се позиционира пред овие закани, но не даде повеќе детали за тоа што значи „соодветно”.

Во меѓувреме лицата и ентитетите кои на каков било начин ги поддржале референдумите во четирите украински области подлежат на санкции во Европската Унија, вклучително и ако станува збор за европски граѓани. На секоја земја членка останува да одлучи дали и како ќе ги санкционира оние кои учествувале во овие дејствија.

Европската Унија исто така разговара за нов пакет санкции, но за ова нема детали во овој момент.