September 30, 2020 07:51
Македонија

ССНМ: Институциите итно да реагираат и по заканите кон Коровешовска

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) повторно денеска ги повикува институциите да реагираат на заканите кои Емил Јакимовски ги упатува до новинарите. По закани кон новинарката на „А1он” Мери Јордановска, тој, како што се наведува, вчера испратил и закани по безбедноста кон Искра Коровешовска, уредник во „ТВ Алфа”.

– Претходно Јакимовски на својот фб-профил објави и недолична содржина за Коровешовска со цел да ја дискредитира, користејќи недолични и крајно навредливи зборови. Со оглед на тоа што во период од неколку дена, повеќе новинари се огласија дека добиваат закани од истото лице, ССНМ бара од МВР и ОЈО итно да преземат мерки за ваквите напади и закани врз новинарите, бидејќи во спротивно несанкционирањето на заканите ќе значи и охрабрување за сите кои сметаат дека на таков начин можат да се справуваат со новинарите, се вели во соопштението.

ССНМ ги охрабрува новинарите и медиумските работници веднаш да ги пријавуваат ваквите закани, онлајн малтретирања, навреди и напади до синдикатот, како и до соодветните институции бидејќи, како штос е наведува, само со заедничка и здружена реакција може да се врши поголем притисок врз институциите за да реагираат. Давањето јавност, пак, на ваквите случаи се покажало како начин за обесхрабрување на оние кои се обидуваат на најразлични начини да ги замолчат новинарите.

– Безбедноста на новинарите и медиумските работници е од клучно значење за слободата на медиумите, бидејќи нема професионалност и објективност доколку се работи во атмосфера на страв. ССНМ затоа ја отвори и бесплатната линија за помош при напад на новинари и медиумски работници и ги повикува сите кои се предмет на какви и да било закани, онлајн малтретирање, физички или вербални напади веднаш да го пријават на телефонскиот број 0800 11 011, се вели во соопштението од ССНМ.