August 12, 2022 02:06
Економија Македонија

ССМ со протест пред МТСП за линеарно зголемување на платите

Незадоволството од неисполнетото барање за линеарно зголемување на платите за 2.806 денари, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска од 10 часот до 13 часот ќе го изрази пред Министерството за труд и социјална политика (МТСП) согласно одлуката на Штрајкувачкиот одбор. Откако минатата недела не беше прифатен амандманот на ССМ  во собраниската Комисија за финансирање и буџет, Претседателството на ССМ организираше протестни активности пред Владата и Собранието, а вчера наутро три часа ја блокираше крстосницата во Автокоманда за влез/излез од Скопје.

-Незадоволството на работниците од јавниот сектор е огромно и од тие причини Сојузот на синдикатите на Македонија продолжува и преку други форми на синдикален притисок, незадоволството да го изразува на улица, соопшти ССМ.

Претседателот на ССМ Дарко Димовски синоќа во телевизиско гостување рече дека од опозициските партии им е ветено уште еднаш да биде поднесен амандман за корекција на ребелансот на Буџетот и дека идејата им била пред Собранието да постават столчиња колку што има членови во Комисијата, но седницата е одложена и ќе протестираат пред МТСП.

– Активностите ги пренасочуваме пред МТСП за да ја прашаме министерката Јованка Тренчевска каде исчезна социјалниот дијалог, ветувањето што ни го даде на 1 Мај и зошто не е прифатен амандманот во расправата за ребалансот на Буџетот. Јавно ќе побараме од министерката Тренчевска да се заложи многу повеќе за она што ни го ветија на 1 Мај, кога и таа беше присутна како дел од претставниците на Владата.  Тогаш ни ветија дека со ребалансот на Буџетот и Законот за извршување на Буџет овие средства можат да ги предвидат најдоцна до 1 јули. Тоа е за четири дена, а од тоа ни трага ни глас, рече Димовски.