January 30, 2023 03:41
Македонија

ССМ и УПОЗ: Генералниот секретар на ИТУЦ запознаен со состојбите во државата

Претседателот на ССМ Дарко Димовски и претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски на денешната средба со генералниот секретар на Меѓународната конфедерација на синдикатите – ИТУЦ Лука Висентини го информирале за моменталната состојба на колективното договарање, социјалниот дијалог и несогласувањата со Владата.

-Претставниците на ССМ детално го запознаа генералниот секретар на ИТУЦ и за нападите кои Владата ги прави врз колективното договарање, за откажувањето на колективните договори, за генералниот штрајк во јавен сектор. Висентини беше известен и за неуставниот правилник, кој спротивно на Уставот, законите и Меѓународните конвенции на трудот, го донесе Министерството за труд и социјална политика и со кој се оневозможува секое идно потпишување на нови колективни договори, соопштуваат од ССМ.

Генералниот секретар на ИТУЦ Висентини ја искажал својата загриженост за упадот во колективното договарање и суспензијата на социјалниот дијалог, а особено потенцирал дека е недозволиво да се откажуваат Колективни договори, како што тоа беше случај во Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство.

-Од негова страна беше нагласено дека ИТУЦ ќе упати протестно писмо до македонската Влада и ќе побара да престане со нападите врз Синдикатите здружени во ССМ, а во спротивно за истото ќе го запознае и Советот на Европа и Европскиот парламент, велат од ССМ.

Претседателот на ССМ, Димовски и претседателот на УПОЗ, Деаноски на 7 декември, на покана на генералниот секретар Висентини ќе присуствуваат на седница на Извршниот комитет на ЕТУЦ и ИТУЦ во Брисел каде што ќе го изнесат проблемот, за ССМ да ја добие потребната поддршка целокупното меѓународно синдикално семејство.