December 6, 2022 00:49
Македонија

ССМ го започна генералниот штрајк пред Собранието

  Членовите на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска стапија во генерален штрајк  бајарќи линеарно зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 2 806 денари и враќање на правото за регрес за годишен одмор од 2023 година.

ССМ утрово постави 120 столчиња пред Собранието на Република Северна Македонија, со потсетување до пратениците да го прифатат нивниот амандман на ребалансот на Буџетот за линеарно зголемување на платите за 2 806 денари, како во јавниот, така и во приватниот сектор. Столчињата ќе бидат поставени пред Собранието до 14 часот.

– Како што најавивме денеска цела Македонија штрајкува во јавниот сектор, а ССМ бара поддршка од народните избраници за поднесениот амандман 2 806 денари за сите работници веднаш и сега или убаво кажано од 1 јули, бидејќи знаеме дека тие пари ни се неопходни со ова сè што ни се случува – двоцифрена инфлација, ценовни шокови, најавена енергетска криза, најавено покачување на струјата од 10 проценти. Го охрабрам работникот да се избори за своите права, да се избори за својата егзистенција која ни е неопходна во моментот, изјави претседателот на ССМ Дарко Димовски.

Димовски посочи дека од сите народни избраници од сите политички партии кои нема да ја дадат поддршката на работниците преку прифаќање на амандманот, ќе биде побарана оставка врз основа на легитимното право што го имаат како претставници на работниците како ССМ.

– Затоа ги повикувам сите народни избраници од сите политички партии нека дојдат денеска, нека ја дадат поддршката не на ССМ, на работникот преку прифаќање на амандманот од 2.806 денари веднаш и сега, бидејќи доколку и ова не се случи штрајкот кој се одвива во моментов им е Дамаклов меч на сите јавни функционери – политичари. Ова го кажувам одлучно и решително и сите колеги зад мене и сите работници се согласуваат, бидејќи ние сме ги избрале за да ги унапредуваат и чуваат нашите права и да ни излезат во пресрет сега кога ни е најпотребно, кога не знаеме утрото што ни носи, кога не знаеме колкава инфлација другиот ден не чека, кога не знаеме какви цени во продавниците не чекаат, изјави претседателот на ССМ.

Во врска со состојбата на терен, Димовски информираше дека регионалните секретари на Синдикатот утрово се соочиле со притисок во едно претпријатие, но откако ја прикажале документацијата за правото на штрајк, веднаш се повлекле и досега немале друг проблем.

– Но, исто мора да пофалам во одредени институции и претпријатија од изутринава веќе се потпишуваат спогодби за сите вработени да добијат 2.806 денари од 1 јули. Значи, имаме и таква и ваква ситуација, но на крајот на денот во 13 часот нашите регионални секретари ќе поднесат извештаи и секаде онаму каде што ќе се прави пресија врз работниците и штрајкувачките одбори истото ќе се случи како завчера со пратениците, јавно ќе ги објавиме тие директори и управители или носители на тие функции што ни прават пресија за да не штрајкуваме, додаде тој.

Како што истакна претседателот на ССМ, денеска го одбрале Собранието, со цел да направат еден вид притисок врз пратениците кои не го изгласаа амандманот, а утре ќе постават 21 столче пред Владата, да ги потсетат и нив дека треба да го прифатат тој амандман.

Во преговорите со Владата се договориле од 1 јули да биде потпишан колективниот договор за јавниот сектор, но како што вели тој, нема никаков одговор од надлежните и поради тоа се чувствуваат излажани и изманипулирани.