December 7, 2022 21:22
Економија

ССК и Стопанска комора на Хрватска потпишаа Меморандум за соработка

Сојузот на стопански комори на Македонија денеска потпиша Меморандум за соработка со Стопанската комора на Хрватска cо цел преземање на заеднички активности за унапредување на економската соработка и зголемување на трговската размена меѓу двете земји.

Меморандумот беше потпишан во рамките на бизнис форумот кој се одржува денеска во Загреб од страна на потпретседателот на Сојузот, проф. д-р Орце Симов и Лука Буриловиќ, претседател на Стопанската комора на Хрватска.

Во своето обраќање пред присутните високи претставници на хрватската и македонската влада, како и претставници на деловните мрежи од двете држави проф. д-р Симов истакна дека Хрватска е меѓу најголемите политички поддржувачи на евроинтегративниот пат на нашата држава, но сепак потенцијалот за економска соработка се уште не е доволно искористен.

„Меѓусебната економска соработка има можности значително да се зголеми, при што се отвораат можности за инвестиции во областа на индустриското производство и обновливите извори на енергија, туризмот. Постојат можности и за заеднички настап на трети пазари, заеднички инвестиции како и воспоставување на соработка на заеднички проекти финансирани од ЕУ фондовите. Земјоделските и прехранбените производи имаат голем удел во нашата трговија, поради фактот што компаниите имаат долга традиција и препознатлив квалитет и присуство на овие пазари. Во насока на поттикнување на соработката, треба да се интензивира организацијата на настани за вмрежување, преку платформи за видео комуникација, како и настани во живо. Саемските манифестации се одлична можност за поврзување и создавање нови деловни контакти, поради што сметам дека би било добро да се обезбеди државна поддршка во двете земји за настап на нашите компании во Хрватска на саеми и обратно. За развој на соработката во туристичкиот сектор би било добро да се воспостават директни летови до туристичките дестинации, а можно е и да се организираат заеднички туристички тури за туристите од подалечните дестинации”, истакна проф. д-р Симов.

Во рамките на форумот покрај потпишувањето на Меморандумот за соработка беше организирана презентација на можностите за инвестиции во нашата земја, претставниците на компаниите ги презентираа своите портфолија, а се организираа B2B средби на претставниците на деловните мрежи.

Препознавајќи ја регионалната соработка за многу значаен фактор за раст и развој на домашната економија Сојузот на стопански комори во изминатиот период активно се вклучува во регионални форуми, саеми и други настани, а е дел од регионалните иницијативи како „Отворен Балкан” и  „Зелен Навигатор”.