October 23, 2020 04:02
Македонија

Средба Шахпаска- Џовани: УНИЦЕФ е рамноправен партнер на земјава во унапредувањето и заштитата на правата на децата

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска оствари средба со претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција ди Џовани ,на која разговараа за досегашната долгогодишна соработка  која ја имаат овие две институции, проектите кои се во тек и предизвиците со кои се соочуваме, а се во интерес пред се на децата.

„УНИЦЕФ е рамноправен партнер во носењето на значајни одлуки во нашата земја од областа на социјалната и детска заштита, преку учеството со  екпертизи, анализи и  истражувања, со цел унапредување на правата на децата во сите сегменти“, истакна министерката Шахпаска.

Таа посочи дека деинституционализацијата, отворањето на малите групни домови, сместувањето во згрижувачки семејства, поддршката на овие семејства преку Центри кои даваат стручна помош е она на кое што посветено работи Министерството за труд и социјална политика, за што потврдува фактот дека ниту едно дете под 18 години не е останато во институција, туку е сместено во мали групни домови, кои се блиски на амбиентот во едно  семејство, за потоа биде згрижено во згрижувачките семејства, со цел обезбедување на здрава социо-емоционална средина.

Претставничката на УНИЦЕФ Патриција Ди Џовани ја потврди посветеноста на УНИЦЕФ да продолжи со поддршка на земјата во реформите за унапредување и заштита на правата и благосостојбата на децата во државава и на процесот на деинституционализација.

Двете соговорнички изразија заинтересираност за продолжување на соработката  во процесот на предучилишно образование на децата и центрите за ран детски развој, психо-социјалната поддршка  особено за време на пандемијата предизвикана од корона вирусот со цел подобро справување со предизвиците кои тој ги наметна.