August 20, 2022 00:44
Македонија

Средба на претседателот Пендаровски со премиерката на Финска, Марин

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими претседателката на Владата на Република Финска, Сана Марин.

Во фокусот на разговорите беа билатералните односи и соработката меѓу двете земји, перспективите на Северна Македонија за почеток на преговори за членство во ЕУ, новонастанатите политички и економски текови во Европа, како и апликацијата на Финска за членство во НАТО.

На средбата претседателот Пендаровски ја поздрави тенденцијата за унапредување на политичките односи со Финска и се заблагодари за нивната доследна и постојана поддршка на европските интеграции на Северна Македонија и политиката на проширување на ЕУ, како процес од стратешко значење за регионот.

Во таа насока беа разменети мислења околу претстојниот Совет на ЕУ и блокадата од Бугарија, при што претседателот посочи дека процесот на проширување не треба да биде заложник на внатрешно-политичките ситуации на земјите-членки на Унијата.

Во насока на стабилноста и безбедноста на европскиот континент, претседателот Пендаровски ја поздрави апликацијата на Финска за влез во НАТО. Тој посочи дека Северна Македонија е силен поборник на политиката на отворени врати на НАТО и безусловно го поддржуваме членството на Финска во Алијансата, што ќе ја зајакне безбедноста не само во Северна Европа, туку и на НАТО во целина.

На средбата се разговараше и за начините за проширување на билатералната соработка со Финска и справување со геополитичките предизвици наметнати од кризата во Украина.