December 1, 2020 23:41
Македонија

Средба на претседателот Пендаровски со хуманитарецот Али Февзи

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Али Февзи, хуманитарец од Скопје. На средбата Февзи го запозна претседателот Пендаровски со неговата иницијатива за донирање на поединци и семејства во социјален ризик, што беше интензивирана по почетокот на пандемијата на Ковид-19.

Февзи својата хумана мисија ја започна преку донирање на намирници од сопствени средства, по што на неговата иницијатива се приклучија поединци и организации. Споделувајќи ги предизвиците со коишто се соочува во неговата активност, тој на средбата посочи дека бројот на поединците и семејствата на коишто им е потребна помош постојано се зголемува и поради тоа ја истакна потребата за зголемување на поддршката од други хумани граѓани, организации и институции.

Претседателот Пендаровски оддаде признание за  активизмот, хуманоста и солидарноста на Февзи и изрази очекување дека неговата работа ќе биде пример за други поединци, организации и општествено одговорни компании, согласно можностите, да помогнат на оние што се најмногу погодени од кризата по почетокот на пандемијата.