November 23, 2020 17:34
Македонија

Средба на претседателот Пендаровски со косовскиот премиер Авдулах Хоти

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски го прими претседателот на Владата на Република Косово, Авдулах Хоти.

На средбата беа разменети мислења и информации за актуелните случувања во двете земји, за европската перспектива на државите од Западен Балкан, како и за севкупните мерки што се превземаат во справувањето со кризата од Ковид-19.

Претседателот Пендаровски изрази уверување дека одличните билатерални односи меѓу Северна Македонија и Косово ќе продолжат да се развиваат во духот на добрососедството, и ќе бидат потврдени со конкретни иницијативи, кои истовремено ќе придонесат за просперитетен и стабилен регион и забрзана регионална соработка.

Во таа насока, соговорниците разменија мислења и околу можностите за продлабочување на билатералната и регионалната економска соработка, како и за поинтензивна комуникација помеѓу бизнис секторите на двете земји.

„Глобалната пандемија не смее да биде пречка за натамошно унапредување на економските и трговските односи, и за интензивирање на меѓусебната соработка и поддршка на планот на евроинтеграциите и спроведување на реформските процеси”, посочи претседателот Пендаровски на средбата со косовскиот премиер.

Претседателот Пендаровски го поздрави Договорот за економско нормализирање на односите меѓу Косово и Србија потпишан во Вашингтон, како исчекор во изнаоѓањето на  конечен компромис, посочувајќи дека истиот ќе придонесе за севкупната стабилност на регионот.