January 30, 2023 03:17
Македонија

Средба на претседателот на Собранието Џафери со бугарскиот министер Милков

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска остварил средба со министерот за надворешни работи на Република Бугарија, Николај Милков, при што изразил задоволство од интензивата соработка меѓу двете земји.

– Соработката секако треба и понатаму да се продлабочува, заради продолжување на процесот на проширување на Европската унија, но и во светло на геополитичката состојба во која се наоѓа европскиот континент, особено по воената агресија на Руската Федерација врз Украина. Нагласи дека Република Северна Македонија постојано вложува напори за градење на добрососедски односи и регионална соработка со сите земји во регионот и пошироко, при што од суштинско значење за нашата земја е подобрувањето на билатералните односи со Република Бугарија, се наведува во соопштението од собраниската прес-служба.

Потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји од 2017 година, се подвлекува, е значаен напредок во историјата на односите меѓу двете земји и претставува добра основа за унапредување на соработката меѓу двете земји.

Претседателот Џафери го поздравил и одржувањето на Првата политичка Меѓувладина конференција со ЕУ во јули оваа година, што резултираше, се вели во соопштението, по спроведени опсежни политички меѓупартиски консултации за Преговарачката рамка и со усвојување на конкретни собраниски заклучоци со кои се задолжи Владата преговорите да ги води на рамноправна и принципиелна основа, со почитување на нормите на меѓународното право.

Истакнал дека очекува во иднина парламентарната соработка меѓу двете земји да продолжи да се динамизира преку повеќе контакти, како на највисоко, така и на ниво на парламентарни комисии и пратенички групи.

Министерот Николај Милков се заблагодарил и изразил, стои во соопштението од собраниската прес-служба, вистинска почит кон претседателот Џафери за неговата лична улога во изградбата на мултиетничкото општество во Северна Македонија.

– Информираше за денешното отворање на македонско – бугарскиот Бизнис форум во Скопје, на кој учествуваат повеќе од 150 стопанственици од двете земји и за кој интересот постојано расте. Истакна дека во иднина треба да се посвети поголемо внимание и интерес за подобро инфраструктурно поврзување преку Коридорот VIII, со што ќе се поврзе Црното со Јадранското море и ќе се овозможи поголемо влијание на регионот на светско ниво, се вели во соопштението.

Двајцата соговорници се согласиле дека добрите економски односи мора да бидат придружени со добри политички односи, затоа што само на тој начин односите меѓу двете држави ќе се движат во нагорна линија. Се согласиле и дека е потребно двете земји да воспостават продлабочен и суштински дијалог со цел да се изнајдат пријателски и конструктивни решенија, кои ќе ги задоволат двете страни во рамките на нивните национални интереси и позиции.