October 21, 2020 14:02
Македонија

Средба на министерката Шахпаска со швајцарската амбасадорка Сибил Зутер Техада

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска оствари средба со амбасадорката на Швајцарија во земјава, Сибил Зутер Техада, на која беше заклучено дека двете земји имаат добри пријателски односи, одлична соработка и поддршка која и во иднина ќе продолжи со уште поголем интензитет.

На средбата, како што соопшти Министерството за труд и социјална политика, било потенцирано значењето на проектите кои се наменети за младите лица, како што се дуалното образование со цел стекнување пракса за време на учењето, доквалификацијата и преквалификацијата кои се особено значајни за зголемување на нивната популарност кај работодавачите и пазарот на трудот.

Шахпаска изразила благодарност за проектите финансирани од швајцарската Влада, а се од областа на социјалната заштита, родовата еднаквост, транспарентноста во работата на општините, сите од големо значење за нас како држава.

– За мене како министер и за Владата е најважно да ја зголемиме вработливоста кај младите и да создадеме услови младите луѓе тука, во државата да обебзедат своја професионална реализација. Работиме на нова законска регулатива, која ќе ги дефинира работните односи според интересите на работниците, но и потребите на работодавачите. Вклучување на лицата со попреченост во општествениот живот, но и Ромите како ранлива категорија на граѓани во државава, како активни учесници на пазарот на трудот, се дел од социјалната политика на која посветено работиме како Влада и Министерство, нагласи министерката Шахпаска.

Како што информираа од МТСП, таа посочила дека во моментот се работи на повеќе закони кои ќе ги унапредат и регулираат односите, покрај во областа на трудот и социјалната политика, а од особена важност е што Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација е веќе во собраниска процедура, затоа што, како што рече министерката Шахпаска како држава не смееме да дозволиме да функционираме без функционална и ефикасна Комисија за заштита од дискриминација.

Амбасадорката Зутер Техада изразила задоволство за веќе реализираните проекти финансирани и потпомогнати од швајцарската Влада и подготвеност на соработка и понатаму во областите каде ќе се појави потреба.

– Покрај повеќето проекти за кои постои заедничка соработка, таа го издвои проектот „Образование за вработување”, кој, како што нагласи амбасадорката, мора да овозможи прилагодување на обуката и подготовката на кадарот, според потребите во приватниот сектор, посочија од МТСП.