November 29, 2022 05:43
Македонија

Средба на министерката Петровска со германската амбасадорка Холштајн и новото одбранбено аташе Вамслер: македонско – германската одбранбена соработка интензивно се развива

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во Министерството ги прими германската амбасадорка во земјава, Анке Холштајн и новопоставеното одбранбено аташе потполковникот Ханс Петер Вамслер.

На средбата стана збор за развојот на одбранбената соработка помеѓу Северна Македонија и СР Германија која се фокусира на одбранбената политика, логистиката, воената медицина воената едукација и обука, персоналниот менаџмент, развојот на инфраструктурата, сајбер безбедноста и цивилно – воената соработка. 

„Нашите две земји имаат традиционално одлични односи кои се пресликуваат и во одбраната. Германија е наш посветен партнер и сојузник во Алијансата кој отсекогаш нè поддржувал во достигнувањето на стратешките цели и за тоа сме особено благодарни”, рече министерката на состанокот.

Петровска, Холштајн и Вамслер разговараа и за моменталните случувања на европскиот континент при што се согласија дека НАТО останува обединето во својата цел – одвраќање и одбрана на територијата на Алијансата, а повикаа и на деескалација и итен прекин на воените дејствија во Украина и решавање на сите отворени прашања преку дијалог и по дипломатски пат. 

Северна Македонија и СР Германија во областа на одбраната соработуваат од 1996 година. Германски експерти за персонален менаџмент беа вклучени како советници во изработката на клучниот документ во одбраната, Стратегискиот одбранбен преглед, а во рамките на билатералната соработка во германските центри за едукација и обука се школувале околу 200 припадници на Армијата. Соработката вклучува и обука по германски јазик која ја имаат посетено околу 200 армиски припадници, а Германија го одобри и барањето за проширување и продолжување на постојната бинационална соработка на вооружените сили на двете држави преку годишни програми и програми за воена помош до 2023 година.