Македонија

Средба Димитров- Вуцас

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров денес го прими новоименуваниот амбасадор на Република Австрија, Георг Вуцас, кој му ги предаде копиите на акредитивните писма за негово именување за амбасадор на Република Австрија во Република Северна Македонија. Притоа, министерот Димитров му посака срдечно добредојде и успех во вршењето на функцијата, изразувајќи увереност за натамошно интензивирање на односите меѓу двете пријателски земји во текот на неговиот мандат. МНР Димитров го запозна соговорникот со степенот на постигнатите реформи и перспективите на евроинтегративните процеси на Република Северна Македонија во контекст на очекувањата за добивање позитивна одлука на Советот на ЕУ во октомври о.г. Министерот Димитров се заблагодари за досегашната силна и недвосмислена поддршка, која Австрија ни ја дава на европскиот пат. Посебен акцент во разговорот беше ставен и на динамичниот политички дијалог меѓу двете земји, како и на економската соработка, со желба тој тренд да продолжи и уште повеќе засили за време на неговиот ангажман во Северна Македонија.

Амбасадорот Георг Вуцас изрази задоволство од можноста лично да придонесе во зајакнување на традиционалното македонско-австриско пријателство, како и за продолжување на австриската поддршка на патот за приближување на Северна Македонија кон европското семејство. Тој нагласи дека ќе се заложи да даде личен белег и придонес за дополнително збогатување на веќе динамичната билатерална соработка во повеќе сфери од заемен интерес.