October 25, 2020 01:12
Економија Македонија

Средба Битиќи – Сахакјан: Активна е соработката на Владата со УНДП во спроведување на проекти за Целите за одржлив развој и Агендата 2030

Заменикот на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, се сретна со постојаната претставничка на Развојната програма на Обединетите Нации (УНДП) во нашата земја, Нарине Сахакјан, со која разговараа за тековните проекти кои се проведуваат со меѓусебна соработка, како и за намерите на Владата за унапредување на соработката, особено во проекти за побрз и одржлив развој на економијата.

Постојаната претставничка на УНДП упати срдечни честитки за изборот на Битиќи за вицепремиер во Владата и ги искажа своите очекувања да успешната соработка која ја имаат уште од претходно, продолжи и понатаму, со реализација на успешни проекти кои ќе значат создавање на општество без сиромаштија, поголема грижа за живтната околина, справување со климатските промени и создавање на услови за креирање на подобри работни места за сите граѓани.

На состанокот се дискутираа повеќе конкретни теми, директно поврзани со исполнување на целите за одржлив развој од Агендата 2030,  како што се соработката на спроведување на проекти за енергетска ефикасност, заштита на животната средина и справување со климатски промени, но и за креирање на работни места кои би одговориле на потребите на современото општество и дигителазацијата на индустријата и сите други процеси во економското живеење.

Вицепремиерот Битиќи информираше дека Владата има цврста намера да креира Платформа за економски развој, со која ќе се планира економскиот развој на среден и долг рок, а со која ќе треба да се овозможи побрз и одржлив економски развој. Сите чинители во економскиот живот, вклучително и странските партнери и донатори, како што е и УНДП, ќе земат активно учество во креирањето на Платформата.

Поддршка на старт ап компании и креирање на работни места кои ќе одговорат на потребите на дигиталната ера, но и ќе се однесуваат на енергетската ефикасност и успешно справување со климатските промени, ќе бидат високо на листата на приоритети на Владата за време на мандатот, рече Вицепремиерот, а целта е нашето општество и економијата да фатат чекор со развиените земји и да се подигне конкурентноста на компаниите, особено на микро, малите и средни претријатија да освојуваат, нови странски пазари.

На крајот на состанокот вицепремиерот Битиќи и постојаната претставничка на УНДП Сахакјан, се согласија да продолжи блиската соработка, во реализација на проекти кои ќе значат подобар живот на граѓаните.