December 1, 2021 13:32
Балкан

Србија ќе добие модерно вооружување од Русија

Српската војска и полиција ќе добијат најнова опрема и оружје од Русија, изјави српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин.

– Армијата и полицијата ќе купат најсовремена технологија, меѓу другото произведена од Русија, изјави српскиот министер за РИА Новости, пренесува БГНЕС.

Претходно, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека властите во земјата очекуваат ракетите Корнет да бидат испорачани од Русија до крајот на оваа година. Корнет е модерна руска преносна противтенковска ракета наменета за употреба против основните тенкови.

Србија е најголемиот увозник на руско оружје и воена опрема во Европа. Во последните неколку години, Русија и предаде на Србија 30 модернизирани тенкови Т-72МС, 30 оклопни возила БРДМ-2, седум хеликоптери Ми-17 и Ми-35 и шест ловци МиГ-29. Белград, исто така, се здоби со батерија од ракетни системи „Панцир-Ц1″. Српскиот претседател рече дека земјата сака да го има рускиот комплекс С-400, но се уште не може да си го дозволи тоа.