December 5, 2022 10:07
Балкан

Србија не ги прифаќа резултатите од референдумите во украинските региони

Српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ изјави дека Србија не може да ги прифати резултатите од референдумите во украинските региони поддржани од Русија бидејќи, како што истакна, тоа би било целосно спротивно на српските државни и национални интереси, јави дописникот на МИА од Белград.

„Од една страна, нашата принципиелна посветеност на принципите и правилата на меѓународното јавно право, Повелбата на Обединетите нации (ОН), а од друга страна тоа би било целосно спротивно на нашите државни и национални интереси, целосно спротивно на нашата политика на зачувување на територијалниот интегритет и суверенитет и посветеност на принципот на неповредливост на границите“, истакна Селаковиќ на прес-конференција.

Администрацијата назначена од Москва во четири украински региони – Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје, од 23 до 27 септември организира нелегални референдуми за припојување на овие области кон Русија.

Србија е една од ретките држави во Европа која не воведе санкции против Москва по рускиот воен напад врз Украина кој почна на 24 февруари. Сепак, Србија повторува дека го поддржува украинскиот територијален интегритет, и правејќи паралела со Косово, бара непроменливост на границите.