Денеска на Светското првенство кое се одржува во Египет репрезентацијата на Хрватска ја забележа првата победа. Во својот втор натпревар од групата „Ц“ „коцкестите“ со резултат 28:20 успеаја да ја совладаат селекцијата на Ангола.
Африканскиот претставник беше рамноправен противник во првото полувреме во кое одржуваше предност од еден-два голови разлика. Но, во вториот дел избраниците на селекторот Лино Червар го скршија отпорот на Анголците. При позитива од 14:13, направија серија од 4:0 и потоа константно ја контролираа позитивата која постепено растеше до крајот на средбата.
Највисоката изнесуваше „плус осум“, на крајот конечни 28:20, а први стрелци во победничките редови беа Мариќ и членот на Вардар 1961, Чупиќ, со по шест голови. На спротивната страна четири запиша Фереира, по три Насименто и Тека.
На табелата води Катар кој по денешниот втор триумф против Јапонија (31:29) има четири максимални бодови, пред Хрватска (три), еден имаат Јапонците, а без бодови е Ангола.
Во последното трето коло Катар и Хрватска ќе се борат за првото место, а за учество во вториот круг во директна пресметка за третата позиција ќе се соочат Јапонија и Ангола.
Се одиграа уште два меча, Аргентина-Бахреин 24:21 и Бразил-Тунис 32:32. Аргентинците имаат четири бодови во групата „Д“, а за Бразилците ова е второ реми на шампионатот.