January 29, 2023 14:32
Свет

Според медицински извештај, поранешниот грузиски претседател Саакашвили бил затруен во затвор и е во тешка здравствена состојба

Поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили во затвор бил затруен со тешки метали и неговиот живот е во опасност доколку не добие соодветен третман, се посочува во медицинскиот извештај што денеска го објавија неговите адвокати.

Педесет и четиригодишниот Саакашвили, кој е лидер на грузиската опозиција, беше хоспитализиран минатата година по 50-дневен штрајк со глад. На тој начин протестираше поради тоа што е испратен во затвор под обвиненија за злоупотреба на службената положба, за кои рече дека се политички мотивирани.

Во извештајот објавен денеска од адвокатите на Саакашвили, американскиот токсиколог Дејвид Смит вели дека поранешниот грузиски лидер бил подложен на тестови кои покажале присуство на тешки метали во неговото тело. Се споменува дека жива и арсен се пронајдени во телото на поранешниот претседател по неговото труење.

Авторите на извештајот, изработен на 28 ноември, велат дека третманот што сега го добива Саакашвили му штети бидејќи не се спроведува под соодветен медицински надзор. „Без соодветен третман, постои зголемен ризик од смрт”, се вели во документот. Според Смит, се чини дека на Саакашвили му бил одбиен таков третман или е недостапен во Грузија.

Грузиските власти уверуваат дека Саакашвили ја добива сета потребна здравствена заштита. И грузискиот претседател Саломе Зурабишили рече дека правосудството мора да одлучи дали Саакашвили треба да биде ослободен од медицински причини.

Друга лекарка, Маријан Јишкаријани, која го предводи медицинскиот конзилиум што го прегледа Саакашвили, рече дека му биле дијагностицирани лезии на мозокот и интоксикација што го оштетува нервниот систем. Тој боледува од тешки болести кои се некомпатибилни со условите под кои ја издржува казната, додаде таа. Според Тенгиз Цулаѕе, член на медицинскиот совет назначен од грузискиот омбудсман, Саакашвили изгубил речиси 40 килограми за време на притворот.

Саакашвили беше приведен во октомври 2021 година, неколку дена откако се врати во својата татковина од егзил кој траеше неколку години. Тој беше баран од грузиската правда поради наводна злоупотреба на власта.