December 7, 2022 21:34
Македонија

Спасовски: Центар за опоравување од катастрофи, капитален проект за градење современ ИКТ податочен центар

 Како МВР, покрај техничкото опремување и унапредување на законската регулатива во насока на дигиталната трансформација на процесите на МВР, од врвна важност е и капиталниот проект во насока на градење на дигитална инфраструктура со еден ваков современ ИКТ податочен центар, кој е изграден во Прилеп по сите безбедносни стандарди.

Ова го напиша министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на неговиот фејсбук профил во однос на Центарот за опоравување од катастрофи (Business Continuity and Disaster Recovery Data Center)

– Во функција на процесот на дигитална трансформација кој се одвива во општеството, секако дека чувањето на дигиталните податоци и отпорноста на дигиталните ИКТ системи од испади со обезбедување на резервна локација, овозможуваат непрекината работа на државните институции и се од врвен приоритет, објави Спасовски.

Финансиран е со 3,25 милиони евра од претпристапна помош од ИПА фондови на ЕУ, како и со 150.000 евра од МВР. Центарот, појаснува министерот за внатрешни работи, е back-up (резервна база) за клучните, витални информациски системи во земјава и ќе гарантира дека тие ќе функционираат доколку од какви било причини е загрозена работата на примарниот информатички систем и исто така ќе ги зачува податоците во случај на природни или катастрофи предизвикани од страна на човечки фактор.

Со реализирањето на Business Continuity Disaster Recovery (BCDR) проектот, освен што се овозможи континуирана работа на системите во случај на катастрофа, подвлекува Спасовски, се направи и подобрување во поглед на дигитализацијата на податоци. Дел од апликациите кои биле изработени во стари технологии се преправени веб базирани апликации, а податоците кои се чуваа во стари технологии се целосно префрлени во релациони бази на податоци.

– Со ова се постигна поголемо ниво на дигитализација, така што сега е изводливо и многу полесно да се направат соодветни обработки врз податоците, дигитализирање на статистики, извештаи, пребарувања, пишува министерот Спасовски и додава дека е уште еден важен чекор кој беше имплементиран со овој проект и воведување на дигитално потпишување на официјалните извешти (годишни/полугодишни/ месечни) преку самите веб апликации со дигитален потпис од МВР кој е валиден во целата институција.

– Исто така за сите веб апликации кои се изработени со овој проект имплементирана е и водење ревизорска трага со што се направи дигитализација на audit логот кој што е потребен по законот за заштита на лични податоци. Направена е и посебна апликација со која се овозможува пребарување низ ревизорскиот лог. МВР повеќето од своите ИКТ системи веќе ги реализираше со можност за редундантен начин на работа во ЦОК-Прилеп, објави Спасовски на фејсбук.

Покрај МВР во моментов Центарот за опоравување од катастрафи го користат: Центарот за управување со кризи, Државниот завод за статистика и Царинската управа на РСМ. Заинтересираност за негово користење изразиле: Министерство за информатичко општество и администрација, Агенција за финансиска поддршка на земјоделието, Народна банка на РСМ, Управа за Финасова полиција, Министерство за финансии, Државен завод за ревизија,а отворени сме за соработка и со сите други субјекти и институции.

Според Спасовски, капиталниот проект Дата Центарот во Прилеп е заокружување на дигиталната трансформација на процесите на МВР.

– Како раководство остануваме посветени на следењето на современите трендови на дигитализација, а во насока на олеснување и скратување на процедурите, обезбедување ефикасност во полициското работење, се’ во согласност со нашето мото МВР ЗА ГРАЃАНИТЕ, порача министерот Оливер Спасовски преку фејсбук.