August 14, 2022 21:06
Македонија

Спасовски на 6. Состанок на одборот на иницијативата за интегрирано управување со внатрешната безбедност (ИИСГ)

Денеска (20.06.2022) министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски учествуваше на 6. Состанок на одборот на иницијативата за интегрирано управување со внатрешната безбедност (ИИСГ) кој се одржува во Сараево, Босна и Херцеговина, во хибриден формат, а министерот Спасовски зеде учество онлајн преку платформата Зум.

Фокусот на состанокот беше дискусија и усвојување/одобрување на прво двегодишно мапирање на потреби за трите столба 2021-2022; трите методологии на ИИСГ (мапирање потреби, мапирање одговори, база на податоци; Годишен план за работа на ИИСГ; Нови членови на ИИСГ; Потврда за продолжување на мандатот на шефот на Секретаријатот на ИИСГ.

Сесијата беше отворена од Мачеј Поповски, вд Генерален Директор за соседни и преговори за проширување (DG NEAR), Европска Комисија, претседавач на состанокот, а свое обраќање имаа и Оливие Ониди, заменик генерален директор за безбедност, Генерален директорат за миграција и внатрешни работи (DG HOME), Европска Комисија, како и Тања Мишчевиќ, заменик генерален секретар, Совет за регионална соработка.

Работната сесија беше отворена од Агрон Сојати, раководител на Секретаријатот на ИИСГ, а министерот Оливер Спасовски учествуваше со свое обраќање.

Министерот Спасовски во своето обраќање истакна дека како член на Одборот на ИИСГ, е дел од овој форум од самиот негов зачеток и предвид ја има целата негова еволуција и постигнувања, развој и проектирање, почнувајќи првично од проширувањето на областите во кои таа ќе дејствува, а потоа и изготвените планови за акција, ревизијата и реформата.

„Во оваа насока, навистина ми е драго што денес го гледаме конкретниот резултат на сите тие превирања и пред сé посветена работа на сите инволвирани страни – Секретаријатот на ИИСГ, претставниците од нашите институции, па и стратешките партнери и Европската комисија. Извештајот за мапирање на потреби за секоја земја индивидуално, но и регионалниот преглед ја одразуваат моменталната ситуација во однос на предизвиците со кои се соочуваат нашите служби во справувањето со тероризмот, организираниот криминал и одржувањето на граничната безбедност”, потенцираше министерот Спасовски.

Министерот Спасовски истакна дека свесноста за меѓусебните потреби и внатре и надвор од регионот на Западен Балкан првенствено ќе го зголеми и нашето, но и меѓународното разбирање за тоа како потребите односно приоритетите на еден од нас влијаат на другиот.

„Постоењето на регионален преглед на приоритети и одговор на истите односно проекти и активности кои се спроведуваат заради задоволување на тие потреби, само по себе ќе наложува координација помеѓу меѓународните партнери и донатори. Со самото тоа, иницијативата на еден координиран и функционално интегриран начин не само што ќе ги комбинира регионалните капацитети во дизајнирање на заеднички пристап, туку ќе ги интегрира и релевантните регионални или други инструменти и алатки за да се подобри нивната функционалност и долгорочна стабилност”, подвлече министерот Спасовски.

Министерот Спасовски упати благодарност до Секретаријатот на ИИСГ за несебичното работење и за постигнатото, но и на Европската Комисија за поддршката на целиот процес и притоа истакна дека Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија ќе остане активен подржувач на оваа Иницијатива и дека ги одобруваме извештаите за мапирање на потреби за сите три столбови, годишниот работен план, новите членови на ИИСГ и продолжувањето на мандатот на раководителот на Секретаријатот, а изрази поддршка и за изменетата методологија за мапирање на потреби, методологијата за мапирање на одговори и за методологијата за базата на податоци.