January 30, 2023 01:47
Македонија

Спасовски: На задоволително ниво е безбедносната состојба на подрачјето на СВР-Штип и Струмица и на регионалниот центар „Исток”

Поволна и на задоволително ниво е безбедносната состојба на подрачјето на Секторите за внатрешни работи- Штип и Струмица и на регионалниот центар „Исток”, оцени денеска министерот за внатрешни работи, Оливар Спасовски, кој беше во посета на СВР-Струмица.

Тој информира дека како министерство прават анализа за годината што изминува, со цел за 2023 година да знаат во која насока ќе им биде Програмата за работа.

– На територија на СВР-Струмица во периодот од јануари до ноември 2022 година, споредбено со истиот период од 2021 година бројот на кривични дела од областа на недозволената трговија со дрога бележи тренд на намалување за 27 проценти. Но, годинава бележиме значително поголема заплена на наркотични дроги. Значи помалку случаи, но поголема заплена, особено марихуана, која е запленета во количина од 2.355 килограми, вели Спасовски.

Посочи дека СВР –Струмица остварила ефикасност во однос на вкупниот криминал од 45 проценти и реализација од 77 проценти.

– Значи зголемување во ефикаснота на расчистувањето на кривичните дела во однос на 2021 година. На територија на СВР-Штип за 11 месеци од оваа година компаративно со истиот период од 2021 година забележано е намалување на вкупниот криминалитет за 10 проценти, за зголемување на ефикасноста на откривачката дејност за 37 проценти во однос на истиот период од минатата година, вели Спасовски.

Што се однесува за тешките кражби, за кои Спасовски вели дека се во делот на приоритетите на СВР-Штип, во последните три месеци од 2022 година се бележи евидентно намалување на пријавени тешки кражби за 31,5 проценти, во споредба со истиот период, лани.

– Во однос на сообраќајот за 11 месеци за 2022 година на териоторија на СВР-Штип за 11 проценти се намалени сообраќајните несреќи со тешки последици, во областа на јавниот ред и мир за истиот период, споредбено со 11 месеци од претходната година на подрачјето на СВР-Штип евидентирано е намалување на пријавените прекршоци за 22 проценти, вели Спасовски.

Тој информираше и за работата на регионалниот центар „Исток” во период од јануари до ноември 2022 година, а споредбено со лани има регистрирано зголемување во откривачката дејност во однос на илиегалната миграцијата за 32,54 проценти, а е зголемен и бројот на илегални имигранти за 38,56 проценти, што се обиделе да ја преминат границата на Република Северна Македонија.

– Во однос на влез и излез на гранични премини во надлежност на регионалниот центар „Исток” се бележи зголемување за 66,61 проценти, во споредба со минатата година, а за 500 проценти е зголемена откривачката функција на шверцот со акцизни стоки. Според извештајот на ФРОНТЕКС оваа државна граница е најбезбедната граница на Западен Балкан, рече Спасовски.

Забележа дека се надева оти вработените во Секторите за внатрешни работи во Струмица и Штип, како и во регионалниот центар „Исток” ќе продолжат при реализација на превентивните активности на терен, но и на репресивните мерки, бидејќи, вели, тие одат едно со друго.

Порача дека доаѓаат Новогодишните и Божиќни празници, период на забави, собирања, граѓаните да не ги возат своите возила под дејство на алкохол, да внимаваат на брзината и секој да придонесе во делот на заштитата на имотот на граѓаните. Упати и благодарност до медиумите, кои придонесуваат да се зголеми јавната свест кај граѓаните.