December 1, 2022 18:16
Македонија

Со формирање 10 комисии почна нормално да функционира Советот на Општина Тетово

По вонредните избори на 20 август и конститутивната седница на 7 септември, Советот на Општина Тетово на денешната втора седница формираше десет комисии со што се овозможува целосно функционирање на ова тело на локалната самоуправа.

Според претседателот на Советот Бесар Дурмиши, наредната недела ќе се завршат сите постапки за кои во време на нефунционалноста на Советот од април годинава, градоначалникот немаше право да носи одлуки.

-Формирани се сите 10 комисии по пет членови и се комплетираа сите елементи за нормално функционирање на Советот. Сега ќе можат да се усвојат одлуки за годишната програми за работи, завршни сметки и слично за училиштата, јавните претријатија и други општински установи што останаа од минатиот Совет. Идната недела ќе има уште една седница на која ќе се расправа и со тоа Советот комплетно ќе ја врати својата функционалност, изјави Дурмиши.

На седницата беше констатирана и оставка на советник од ДУИ, кој беше носител на листата.

-Советникот навел дека од приватни причини одлучил да даде оставка, тоа е негово право, но политички гледано ние ова го предвидовме, дека така ќе постапат, изјави градоначалникот Биљал Касами.

Празното советничко место на носителот Фатон Амети ќе го пополни нов кандидат за советник од листата на ДУИ.