June 17, 2019 17:22
Култура

Со сеќавање на делото на Никола Бувие, Прилеп го одбележа месецот на Франкофонијата

Во организација на амбасадата на Швајцарија, Францускиот институт во Скопје, а со поддршка на Општина Прилеп, синоќа во ЦК „Марко Цепенков“ со повеќе настани беше одбележан месецот на Франкофонијата. Настаните од годинешното одбележување на Франкофонијата, беа целосно посветени на ликот и делото на швајцарскиот автор, патописец и режисер Никола Бувие. На почетокот на 50-тите години, Бувие неколку недели престојувал во Прилеп, а подоцна во своето дело „Употребата на светот“, неколку страници му посветил на градот под Марковите кули.

Во своето обраќање на свеченото отворање на манифестацијата во кино салата на ЦК „Марко Цепенков“, градоначалникот Илија Јованоски рече дека му е чест што и Прилеп се вклучи во одбележувањето на месецот на Франкофонијата и што чествувањата по тој повод му се посветени токму на Никола Бувие.

„Со овие настани во Прилеп, ја продолжуваме воспоставената сестрана соработка и го даваме нашиот придонес во европски рамки во негување на францускиот јазик, како и неговото изучување на нашите простори. Како град од земја идна членка на европското семејство, за нас од огромно значење е размената на културните вредности, искуствата, со почит на посебностите на секоја земја членка. За француската култура и францускиот јазик и литература, во прилепското образование има интерес со децении. Ваквите манифестации, вашето присуство денеска овде, значи само потврда дека Прилеп високо котира и го дава својот придонес во билатералната соработка. Верувам дека освен на културен план, ќе продолжи и нашата економска, трговска и туристичка соработка“, истакна градоначалникот Јованоски.

Многу емоции и силни впечатоци од одбележувањето на месецот на Франкофонијата во Прилеп, имаше заменик амбасадорот на Швајцарија, Стефан Томажан.

„Никола Бувие е без сомневање еден од франкофонските автори кои што ги обожувам. Идејата дека тој бил овде и дека јас тука по неговите траги, навистина многу ме трогна. Благодарен сум им на градоначалникот и на граѓаните на Прилеп затоа што не угостија, а благодарен сум и на Францускиот институт во Скопје кој што се приклучи во чествувањето на Никола Бувие. Бувие на некој начин ги поврзува нашите две култури и е симбол на францускиот јазик кој ние го споделуваме“, изјави Томажан.

„Јас сум посебно возбуден денеска, бидејќи Прилеп со книгата ‘Употребата на светот’ на Бувие, станува еден од духовните центри на светската литература и убеден сум дека мермерната плоча поставена во градскиот парк во Прилеп на која се евоцира неговата реченица дека Балканот е срцето на Европа, што е напишана токму во овој град, ќе прозвучи во многу книжевни меридијани со неговата бескрајна љубов кон овој град“, потенцираше Јордан Плевнеш, писател, драматург и ректор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА – Скопје.

Во рамки на манифестацијата беа прикажани документарните филмови на Јордан Плевнеш „Враќањето на Бувие“ и „Бувот и китот“ на Патрисија Платнер. Во фоајето на ЦК „Марко Цепенков“ беше поставена изложбата на Никола Бувие „Патувања во слики“ на библиотеката од Женева, која специјално за оваа прилика отстапи фотографии и други документи од овој значаен автор. Истовремено, во Центарот за култура беа изложени и творби на ученици од прилепските основни и средни училишта на тема „Патувања“.

Нови вести

Промоција на книги од Санде Стојчевски, Елена Пренџова и од Стефан Марковски

Igor

Фестивалот за критичка култура „Крик“ почнува утре

zane

„Статуафест и баскеркараван“ од 20 до 22 јуни во Скопје

zane