August 8, 2022 18:18
Македонија

Со нов закон до подобра заштита на потрошувачите од нечесни трговски практики

Високо ниво на заштита на правата на потрошувачите и истовремено гарантирање на полесни услови за деловно работење, како и обрнување посебно внимание на нечесни трговски практики, измамнички трговски практики и агресивни трговски практики при продажба на стоките и услугите, вклучувајќи ги и недвижностите, дигиталните услуги и дигиталните содржини, како и правата и обврските, предвидува новиот закон за заштита на потрошувачите што денеска го усвои Владата на предлог на Министерството за економија.

Како што истакна министерот за економија Крешник Бектеши, главната цел на политиката за заштита на потрошувачите е да се подобри квалитетот на живот на граѓаните и да обезбеди сите граѓани да уживаат високи стандарди на заштита на потрошувачите, како и заштита на интересите на економските послабите учесници, односно ранливите категории на граѓани во деловните трансакции на пазарот. На седницата на Владата е усвоена и информација да има и посебен закон за нефер трговски практики што претходно треба да се усогласи со Законот за трговија со што земјава прва во регионов ќе носи вакво законско решение чија цел е потрошувачите да имаат повеќе можност да ги остваруваат нивните права, како и да не се дозволи да има нечесни практики во целиот синџир на трговијата.

– Како резултат на анализата на пазарот произлезе потребата за креирање на модерна законска рамка преку новиот закон за заштита на потрошувачите. Со овој закон од една страна се обезбедува високо ниво на заштита на правата на потрошувачите, а истовремено гарантира полесни услови за деловно работење, рече Бектеши на денешната прес-конференција во Владата и додаде дека законот е во согласност со европската регулатива.

Со законот, прецизира,се регулираат правата и обврските на потрошувачите и на трговците во потрошувачките односи, начините и постапките на заштита на правата на потрошувачите, информирањето на потрошувачите, унапредувањето на знаењето на потрошувачите за нивните права и начините и постапките на нивна заштита, правата и обврските на здруженијата и сојузите за заштита на правата на потрошувачите, како и правата и обврските на надлежните органи.

– Со новото законско решение се овозможува подобро остварување  на правата на потрошувачите преку ефективен надзор на пазарот, подобро информирање и едуцирање на потрошувачите за нивните права, зајакнување на независноста и репрезентативната на здруженијата за заштита на потрошувачите и обезбедува инструменти за брзо решавање на потрошувачките спорови како можноста за колективно решавање на потрошувачките спорови во нашата држава, рече Бектеши.

Посебно внимание, како што  кажа , се обрнува на нечесни трговски практики, измамнички трговски практики и агресивни трговски практики при продажба на стоките и услугите за чие детектирање ќе биде задолжен Државниот пазарен инспекторат прeку редовните и вонредните контроли, но и при укажување од потрошувачите.

-Одредена трговска практика е нечесна доколку материјално го нарушува економскиот интерес и однесувањето на просечниот потрошувач во однос на производот посебно на оние кои се особено ранливи на засеганиот производ поради нивната ментална или физичка немоќ, возраст на начин предвидлив од трговецот, кога трговецот дава неточни информации за пазарните услови или за достапноста на стоката со намера да се наведе потрошувачот да ја набави стоката под услови што се понеповолни од вообичаените пазарни услови, појасни Бектеши.

Одредена трговска практика се смета за измамничка, пак, како што кажа, доколку содржи лажни информации и поради тоа е невистинита, го доведува во заблуда просечниот потрошувач дури и кога информациите фактички се точни, а во кој било од случаите предизвикува или е веројатно дека ќе предизвика просечниот потрошувач да донесе пазарна одлука што инаку не би ја донел.

-Одредена трговска практика се смета дека е агресивна доколку по пат на вознемирување, принуда, вклучувајќи и употреба на физичка сила или прекумерно влијание значително ги нарушува слободата на избор на просечниот потрошувач или неговото постапување во врска со стоката и на овој начин просечниот потрошувач го наведува или е веројатно дека ќе го наведе да донесе пазарна одлука што инаку не би ја донел, рече Бектеши.

Нагласи дека потрошувачите чии права се повредени со користење на нечесни трговски практики, измамнички и агресивни трговски практики од страна на трговецот имаат право на надоместок на штета која ја претрпеле, имаат право и на сразмерно намалување на цената и раскинување на договорот, додека за трговците следат глоби, санкции и забрана за вршење на дејноста.

-Во зависност од големината на компанијата прекршоците и глобите се движат од 500 до 10.000 евра. Во делот на физичките лица или трговците поединци се помали глобите, но другите одредби важат за сите.  Во делот на прекршочните санкции предвидена е и привремена забрана за вршење на дејност и тоа во траење од 3 месеци до 2 години од страна на надлежен суд за среден трговец и голем трговец и од 15 до 30 дена за микро и мал трговец од странана Комисијата за одлучување по прекршоци. На одговорните лица, пак, и кај правните лица е предвидена забрана за вршење на професија, дејност или должност во траење од 3 месеци до 1 година од страна на надлежен суд, а кај трговец поединец во траење од 15 до 30 дена од страна на Комисијата за одлучување по прекршок, истакна Бектеши.