November 25, 2020 05:38
Свет

Со мерките за делумна невработеност поради Ковид-19 откриени се 225 милиони евра на измама во Франција

По извршените 50 000 проверки на барањата за делумна невработеност во Франција, откриени се вкупно 225 милиони евра измама, од кои повеќе од половина беа вратени, јави дописникот на МИА.

Проверките доведоа до 9.500 „сомневања” за измама, а во тек се 440 кривични постапки, соопшти Mинистерството за труд. Вкупно, измамата се проценува на 225 милиони евра, од кои повеќе од половина се веќе блокирани или повратени, од вкупно 30 милијарди евра, кои беа наменети за оваа цел.

Сè на сè, скоро половина од обидите за измама биле вратени или блокирани од административните служби, 130 милиони евра сè уште не се повратени, за што се отворени судски постапки и истраги.

Измамите претставуваат помалку од 1 отсто од вкупниот буџет наменет за делумна невработеност,  кој беше широко користен во кризата со коронавирусот, со скоро 9 милиони вработени погодени во екот на кризата во април, бројка што падна на 2,4 милини во јули.

Министерството за труд нагласува дека „износот на измамата може да изгледа значителен, но со оглед на мобилизираните 30 милијарди, тоа на крај е многу малку”. „Секогаш има измамници и луѓе кои го користат системот”, се вели од министерството.

Елизабет Борн, министерката за труд прецизираше дека „контролите ќе продолжат со работа со даночните служби, како и со службата за разузнавање тракфин за да се има поефикасна контрола”.

Во исто време, скоро илјада компании го потценија износот на надоместокот кој им следуваше – надомест што можеа да го добијат по овие проверки.