December 5, 2021 12:24
Култура

Со голем интерес помина концертот на македонската пејачка Илина Митревска во Софија

Во Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Софија концерт одржа младата македонска пејачка Илина Митревска во придружба на пијано од Дилек Реџеп. Како што јави дописникот на МИА од Софија, концертот се спровел во целосна согласност со сите здравствени протоколи и по претходна регистрација.

Митревска извела класични арии од Моцарт, Поизело, Џулијани, Верди, Пучини, Хендл, Рахмањинов, Дворжак… Пијанистката Дилек Реџеп изведе познати дела од Шопен.

За МИА Илина Митревска изјави дека одамна планирала да ја посети Софија и да одржи концерт, но поради пандемијата морала да го одложи својот настап во Бугарија.

– Им благодарам на бугарските љубители на класичната музика што дојдоа во КИЦ на Северна Македонија и што ја споделија со мене оваа уметност и ме израдуваа што настапувам во Софија, изјави Митревска.

Во вака тешки моменти, посочи Митревска, кога светот се бори со Ковид пандемијата многу е важно одржувањето на вакви концерти и културни настани, бидејќи, како што нагласи македонската пејачка, тие помагаат на луѓето полесно да се справат психолошки со ограничувањата.

Таа, исто така, беше категорична дека само уметноста може да не извади на еден здрав и поубав пат и дека уметноста е клучна за здравјето на современото општество.

На крајот од концертот Илина Митревска ја изведе познатата арија Балкарола од делото на Офенбах со бугарскиот мецосопран Десислава Тодорова.

На концертот во КИЦ присуствуваа познати интелектуалци, претставници на културната елита на Софија и познавачи на убавата музика. На концертот присуствуваше и Марија Едилеуза Фонтенеле Реис, амбасадорката на Бразил за Бугарија и Северна Македонија.