November 12, 2019 00:21
Економија

Состанок на Конституенцата во Скопје: Истакнати меѓународни експерти ќе дискутираат за економски теми

Годинава ја имаме честа да бидеме домаќини на Состанокот на Конституенцата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Групацијата на Светската банка (СБ) во којашто членува нашата земја, за првпат по 2003 година, кога нашата централна банка и нашето министерство за финансии ја имаа улогата на организатори на овој значаен настан. Овој состанок претставува значајна можност да ја потврдиме подготвеноста да бидеме носители на настани коишто се на високо експертско ниво. Средбите на Конституенцата претставуваат своевиден форум на кој високите претставници на носителите на фискалната и монетарната политика во земјите членки на Конституенцата разменуваат мислења за економските политики и програмите на ММФ и СБ, како и за други клучни прашања за европската и светската економија. Ова беше истакнато денес на средбата со новинарите во Народната банка, организирана по повод одржувањето на Состанокот на Холандско-белгиската конституенца на ММФ и СБ од 21 до 23 јуни во Скопје.

„На Состанокот, во сабота, во рамки на основната тема „Како до поправеден систем за сите”, ќе се разговара за сѐ поголемата нееднаквост во доходот, факторите коишто го предизвикуваат овој тренд,  долгорочните и краткорочните последици од тоа врз економскиот раст, но и во повеќе други сегменти од општеството и инструментите и политиките коишто им стојат на располагање на носителите на политиките. Притоа, посебен акцент ќе биде ставен на политиките за промовирање поголема конкуренцијата, ефективно користење на фискалната политика за редистрибутивни цели, подобрувањето на управувањето во сферата на финансискиот сектор и на инвестициите во човечки  капитал.” – соопшти гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, нагласувајќи дека овие важни теми се поврзани и со низа натамошни активности во меѓународни рамки, како и со конкретни планови и програми на ММФ и Групацијата на СБ.

„Во петок, на Економскиот факултет во Скопје ќе се одржат и предавања пред студентите од страна на извршните директори во ММФ и СБ задолжени за Конституенцата, Антони де Ланој и Кун Дависе. Истиот ден, во Министерство за финансии ќе се одржи и конференција за печатот на која потпретседателот на Групацијата на СБ за Европа и Централа Азија, Сирил Милер, ќе ја презентира Стратегијата за соработка меѓу Светската банка и Република Северна Македонија.” – извести министерот за финансии, Драган Тевдовски. На настанот во Министерството ќе биде потпишан и Меморандум за соработка со Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) за поврзување на домашните компании со странски. Потписници на Меморандумот ќе бидат потпретседателката на ИФЦ за Латинска Америка, Карибите, Европа и Централна Азија, Георгина Бејкер, министерот за финансии, Тевдовски и амбасадорката на Швајцарија во нашата земја, Сибил Сутер Тејада. Како што беше посочено денес, овој проект е финансиран од Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија (СЕКО). „За нас проектот на ИФЦ за поврзување на странските и домашните компании е од големо значење, бидејќи тоа ќе го засили ефектот од влезот на странски фирми во земјава. За странските фирми тој ќе значи поврзување со квалитетни добавувачи, додека за домашните компании ќе значи дополнителна работа, можност за пласман на нови пазари и пренос на практично знаење”, истакна министерот за финансии.

На Состанокот на Конституенцата ќе учествуваат високи претставници на ММФ и СБ. Директорот на Одделот за фискални работи во ММФ, Виктор Гашпар, директорот на Одделот на ММФ за Европа, Пол Томсен, потпретседателите на Групацијата на СБ за Европа и Централна Азија, Сирил Милер и за човечки капитал, Анет Диксон и потпретседателката на ИФЦ за Латинска Америка, Карибите, Европа и Централна Азија Георгина Бејкер, како и директорите во ММФ и СБ задолжени за Холандско-белгиската конститенца, Антони де Ланој и Кун Дависе се само дел од претставниците на двете меѓународни институции коишто доаѓаат во Скопје.

Веќе е потврдено учеството и на високи претставници на носителите на монетарната и на фискалната политика од сите земји членки на Конституенцата, меѓу кои десет гувернери на централни банки и четворица министри за финансии. Како главен говорник и учесник на една од панел-дискусиите на конференцискиот дел од Состанокот во Скопје доаѓа и истакнатиот професор Луиџи Зингалез од Чикашкиот, којшто во меѓународни рамки важи за еден од најеминентните стручни проследувачи, анализатори и оценувачи на капитализмот.

Во периодот на одржување на Состанокот на Конституенцата, нашата земја ќе биде центар на експертски дискусии за клучни економски теми. Меѓу говорниците на панел-дискусиите ќе бидат и гувернерката Ангеловска-Бежоска и министерот Тевдовски. Покрај дискусиите коишто ќе се водат заеднички меѓу сите учесници на настанот, во рамки на состанокот во Скопје ќе се одржат и повеќе билатерални средби и разговори меѓу претставниците на ММФ и СБ и на земјите членки на Холандско-белгиската конституенца.

Во Холандско-белгиската конституенца, покрај Холандија, Белгија и нашата земја, членуваат и Босна и Херцеговина, Бугарија, Грузија, Ерменија, Израел, Кипар, Луксембург, Молдавија, Романија, Украина, Хрватска и Црна Гора.

Нови вести

Ангеловска го претстави предлог-буџетот пред невладината, бизнис, и експертска јавност и синдикатите: инвестициите во човечки капитал во фокусот во 2020

Igor

Бектеши: Инвестиции со Планот за економски раст се причина младите да инвестираат во нови бизнис идеи

Igor

Република Српска забрани увоз на над еден тон месо, меѓу кое и пратка од Скопје

Igor