Свет

Сорос: Коронавирусот му се заканува на опстанокот на ЕУ, но постои решение

Милијардерот и филантроп Џорџ Сорос истакна дека пандемијата на коронавирус се заканува за опстанокот на Европската Унија и во тој контекст се залага за издавање на европски обврзници за помош на тешко погодените земји како Италија.

„Ако ЕУ не може тоа да го разгледа сега, можеби нема да ги надживее предизвиците со кои се соочува сега“, порача Сорос во имејл-одговорот на прашањата на новинарите.

„Тоа не е теоретска можност. Тоа може да биде трагична реалност“, додаде тој.

Сорос рече дека ЕУ треба да има кредитен рејтинг ААА за издавање такви обврзници, поради што треба да има овластувања за наплата на данок за да ги покрие трошоците на обврзниците.

„Постои решение“, рече Сорос, американски инвеститор кој стана познат со успешниот облог против фунтата во 1992 година.

„Даноците само треба да бидат одобрени, тие не треба да бидат имплементирани“, додаде Сорос.

Запрашан за брегзит, Сорос рече дека е особено загрижен поради порастот на евроскептицизмот во Италија.

„Што ќе остане од Европа без Италија?“, се запраша тој.