December 1, 2020 03:15
Хроника

Соработка на РСБСП со српската Агенција за безбедност на сообраќајот на патиштата

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Агенцијата за безбедност на сообраќајот на патиштата на Република Србија потпишаа Меморандум за соработка, кој како што информираат, претставува правна основа за понатамошно заедничко дејствување во повеќе сегменти од областа на безбедноста на патниот сообраќај.

Меморандумот е потпишан на работен состанок во Белград на 23 октомври годинава, од претседателот на РСБСП Гордана Кожуваровска и директорот на Агенцијата за безбедност на сообраќајот на патиштата на Република Србија Јасмина Милошевиќ.

Од РСБСП информираат дека согласно потпишаниот Меморандум за соработка, двете институции во наредниот период ќе пристапат кон поголема заедничка соработка со цел унапредување на стручните знаења, размена на стручна и едукативна  литература, размена на видео и едукативни материјали, размена на искуства,знаења и добри практики.

Покрај тоа, двете страни ќе работат на поттикнување и унапредување на регионалната соработка во областа на патниот сообраќај и на заедничка поддршка во дејствувањето на двете институции во рамките на меѓународните организации од областа на безбедноста на патниот сообраќај.

Посебен акцент, се вели во соопштението од РСБСП,  во соработката помеѓу двете институции во наредниот период ќе биде ставен на заедничка реализација на превентивно едукативни активности во двете држави со цел едукација и заштита на  сите групи  учесници во сообраќајот.

Статистичките податоци, стои во соопштението, покажуваат дека во земјите од регионот на Југоисточна Европа бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди на 100 000 жители е поголем во однос на земјите членки на ЕУ и согласно тоа, неопходно е безбедноста во сообраќајот и регионалната соработка во областа на безбедноста на патниот сообраќај,  да се издигнат на едно значително повисоко ниво.

– Затоа, потенцирам дека повисоко ниво на соработка и  координиран заеднички пристап помеѓу сите надлежни институции во земјите во регионот е неопходен со цел унапредување на безбедноста на патниот сообраќај  во земјите во  регионот и со тоа  намалување на бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди, потенцира претседателот на РСБСП Кожуваровска, по повод потпишаниот Меморандум за соработка.