December 5, 2022 22:21
Свет

Солох: Мора да се оцени колку Руси навистина одбиваат да се мобилизираат и колкава е вистинската паника

За шефот на полското Биро за национална безбедност, Павел Солох, одлуката балтичките земји да не пуштаат Руси кои бегаат поради мобилизацијата, е оправдана. Тој предупреди дека доколку бегањето биде масовно, ќе биде потребна координација на одлуките со балтичките земји и Финска.

– Балтичките земји донесоа одлука да нема никакви олеснувања во пуштањето Руси. Едноставно постои ризик од хибридни акции и провокации. Под маската на дезертер, на територијата на тие земји може да влезат диверзанти или луѓе поврзани со руските вооружени сили, изјави Солох за полската телевизија Полсат.

Според него, мора да се оцени колку Руси навистина одбиваат да се мобилизираат и колкава е вистинската паника.

– Доколку масовно бегање од Русија навистина би почнало, на илјадници луѓе, мораме за тоа да се координираме со останатите земји во регионот, во прв ред со балтичките земји, но и со Финска која сака да влезе во НАТО, посочи Солох.

За разлика од Европската Унија, која месецов ја укина визната либерализација и го намали бројот на одобрени шенген визи за руски државјани, Полска како и балтичките земји од 19 септември веќе не пуштаат Руси на своите граници. Тоа, освен во исклучителни хуманитарни случаи или доколку станува збор за противници на рускиот режим. На таа заедничка мерка одби да се придружи Финска, правдајќи се дека тоа би го прекршило финското и меѓународното право.

Солох смета дека одлуката за делумна мобилизација во Русија не ги зголемила воените закани за Полска.

– Не се зголеми воената опасност за Полска. Последиците од руската мобилизација можеби ќе ги почувствуваат Украинците за неколку недели, но, во наредните денови нема да се промени ништо. Таа одлука сведочи за поразот на Путин, но, без сомнение се работи за ескалација. Вербална ескалација почнувајќи со многу неодредена употреба на нуклеарно оружје што е многу малку веројатно, додаде Солох.

Меѓутоа, тоа за Полска, како што појасни Солох, е знак дека мора да се врши уште поголем притисок врз Западот, дополнително да се зајакнува источното крило на НАТО.