January 15, 2021 16:45
Македонија

Собранието ќе ја започне 22. пленарна седница

Собранието денеска треба да ја започне 22. седница на чиј дневен ред се повеќе точки, меѓу кои и дополнетиот предлог на Деловник за работа на Парламентот, по скратена постапка и Предлогот на закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, во прво читање.

На дневен ред се ставени и Предлог на одлуката за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „ЕUТМ RCA” во Централна Африканска Република, како и предлог одлуките за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието и за основање на пратенички групи за соработка со парламенти на други држави и избор на претседатели и членови на пратенички групи за соработка на парламенти на други држави, Предлогот на закон за ратификација на Дополнителниот Протокол 6 за трговија со услуги кон Договорот за изменување и пристапување на Централноевропскиот договор за слободна трговија, како и неколку закони во второ читање.

По скратена постапка се предложени измените на Законот за финансирање на политичките партии, дополнување на Законот за даночна постапка, по скратена постапка, измени и дополнувања на Законот за данок на добивка, измени и дополнувања на Законот за данокот на личен доход, како и Предлог на закон за финансиска поддршка на граѓани со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметниции други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници, измени и дополнувања на Законот за социјалната заштита, Предлог на закон за дополнување на Законот за заштита на децата, Предлог на закон за финансиска поддршка за намалување на последиците предизвикани од Ковид 19 врз производството, откупот на грозје и винската индустрија.

На предложениот дневен ред се ставени Предлог на закон за остварување на јавниот интерес во културата, во прво читање, како и Предлог на одлука за давање согласност на Одлуката за висината на месечниот надомест што го наплатува Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување од пензиските друштва за 2020 година и Предлог на одлука за распишување оглас за избор на народен правобранител, поднесен од Јован Митрески и Арбер Адеми.