August 12, 2022 01:43
Македонија

Собранието на пауза додека не дојде претставник од Министерството за финасии

Претседателот на Спбранието Талат Џафери објави пауза од 30-тина минути, на барање на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски кој во процедурална забелешка рече дека не се почитува Деловникот на Собранието, а Џафери ја почнал седницата без претходен договор и координација.

Мицевски му забележа на Џафери дека брза и додаде дека Собранието не може да работи без претставник од Министерството за финансии.

Џафери рече дека од него е побарано Собранието да продолжи со работа и додаде дека тоа е направено. За точноста, кажа дека секогаш се држел до закажаните термини.

Во Собранието се чека пристигнување на претставник од Министерството за финасии, по што Собранието ќе продолжи со 71-та седница.

На дневен ред на 71-та седница се Годишните извештаи за 2021 година работата на Судскиот совет на Република Северна Македонија, на Државната комисија за спречување на корупцијата, како и Годишниот извештај на Народниот правобранител за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2021 година.

Пред пратениците на оваа седница е и Предлогот за кандидат за потпретседател на Собранието на Република Северна Македонија, но и интерпелацијата за работата на претседателката на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Соња Мираковска.

На дневниот ред е и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за трговија, по скратена постапка, како и Предлог-законот за дополнување на Законот за животната средина и Предлог – законот за изменување на Законот за работните односи.