November 12, 2019 08:56
Македонија

СМС порака на Груевски во „Монструм“: ДУИ на сите страни шират лаги за постапувањето на МВР за петкратното убиство

Со читање на транскрипти од смс пораки и друга комуникација поврзана со петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето за случајот „Монструм”.

Повеќето од смс пораките прочитани на денешното рочиште беа во периодот од 3 до 8 мај 2012 година меѓу тогашните политичари, а кои биле таргет на следење и биле дел од аудиоматеријалите доставени до СЈО.

Судијата Огнен Ставрев прочита и неколку пораки од екс премиерот Никола Груевски.

-ДУИ на сите страни шират лаги за постапувањето на МВР за петкратното убиство. Тоа прави голема штета на државата, вели Груевски.

Во друга порака пак Груевски пишува:

„Некоја организација на жени или МПЦ нека им реплицира на ИВЗ. Испаѓа дека шиптарките може дома да чуваат тенкови а полицијата ништо да не им може само затоа што се жени муслиманки, пишува Груевски до соговорник.

Истата порака на неколку места ја препраќа и тогашната министерка Гордана Јанкулоска, која додава: „ Срамота е ова што ни го прават говедата“.

Потоа серија смс пораки од 8 мај 2012 година разменуваат поранешниот премиер Никола Груевски, екс министерката Гордана Јанкулоска, Мартин Протиѓер и Илија Димовски со иста содржина и тоа „Мислам дека некоја организација на жени или МПЦ мора да реагира на ИВЗ, испаѓа дека жените муслиманки дома смеат да чуваат тенкови, а полицијата не им смее ништо”.

Во друга смс комуникација меѓу Груевски и Јанкулоска зборуваат за напис од „Плус инфо” каде е објавено името за заштитениот сведок и дали може требаат дополнителни мерки да го заштитат, по што друг дел се завршува темата со тоа „или сакаат само да направат притисок, а тој се наоѓа во Штип, каде тој сам барал да не биде повеќе заштитен сведок”.

Во смс порака Али Ахмети на Бујар Османи му пишува „Зошто се гориш себеси за Монструм. Те видов вчера и ми беше жал, ти не си голема функција во влада, зошто не избегна да збориш за тоа”.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и се изведуваат смс пораки и други транскрипти, предложени како дополнителни докази од Обвинителството.

Судскиот процес го води судијата Огнен Ставрев, а застапници на обвинението се Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.

За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм” го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.

Нови вести

Облачно со дожд и повремен ветер

Igor

Се испитува еко-инцидентот во „ОХИС”, опасните хемикалии под надзор

Igor

Пендаровски-Макрон: Македонските аргументи наспроти француското вето

Igor