December 10, 2022 01:05
Свет

Смртниот биланс од инцидентот на стадион во Индонезија се зголеми на 131 лице

Уште шест лица им подлегнаа на повредите здобиени во инцидентот на фудбалски стадион во Индонезија, со што бројот на жртви се искачи на 131, потврди денеска локален здравствен претставник од градот Маланг.

Иако првичните информации говореа дека бројот на загинатите во саботниот метеж е 174, подоцна бројката беше ревидирана и беше објавено дека загинале 125 лица.

Метежот се случи на крајот од фудбалскиот натпревар во Маланг на источниот индонезиски остров Јава, кога неколку илјади навивачи влегоа на теренот, по што полицијата употреби солзавец, па дојде до стампедо.

Инцидентите се случија поради поразот на домашниот клуб Арема од Персебаја од Сурабаја (3:2).

Началникот на полицијата во провинцијата Источна Јава во Индонезија, Нико Афинта, се извини за превидот.

– Како началник на регионалната полиција, јас сум загрижен, тажен и во исто време жалам за пропустите во безбедносниот систем, рече Афинта.