February 3, 2023 14:39
Македонија

Случајот со синот на заменик министерот во МВР се базира на шпекулации, тврди Спасовски

Точно е дека во полицијата имаме јавување од страна на граѓанин дека одредено возило се движи со поголема брзина. Тој материјал е евидентиран, тој разговор е снимен. Воопшто не станува збор дека тоа е службено возило на СОЗР, ниту на кој било државен орган, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во „Само интервју” на Канал 5 телевизија, прашан за случајот во кој се тврди дека синот на неговиот заменик не само што направил сериозни сообраќајни прекршоци, туку потоа бил пуштен и од сообраќајната патрола.

Според Спасовски, информацијата за случајот со синот на заменик министерот за внатрешни работи се креирал не врз основа на факти, туку на одредени извори во МВР и шпекулации. Тој тврди дека возилото воопшто не е стопирано од полиција и дека не е точно оти не застанало на полициска патрола и потоа се продолжило со трагање по него.

– Возилото се води на правен субјект, не е на физичко лица. Во тој момент, возилото не било управувано од синот на заменик министерот. Овие работи ги тврди Внатрешна контрола, иако ние покренавме постапка во Внатрешна контрола за да видиме дали можеби тоа возило било службено бидејќи такви беа првичните најави. Се утврди дека возилото е „Мерцедес”, не е „Ауди”. Дадени се насоки од Внатрешна контрола и продолжуваат со повикување на сопственикот на возилото. Таа вечер ниту е сопрено возилото, ниту имало сопирање од страна на полициски службеници. Ние ги проверуваме сите факти и аргументи, изјави меѓу другото министерот Спасовски.

Во однос на случајот со кражбата на масло од канабис и како може да не се знае кој ја извршил кражбата, Спасовски појасни дека се работи за два одделни случаи. Постапката за првиот со кражбата на марихуана била целосно завршена, а за вториот случај за кражбата на маслото, информира дека истрагата се уште ја водат во Обвинителство и не може да сподели повеќе информации. Се анализираат, истакна тој, сите податоци и информации што ги има МВР.

Прашан за впечатокот во јавноста дека функционерите на ДУИ и нивните семејства и блиски се „недоприливи за законот”, Спасовски нагласи дека е добро што има јавност. Стојам на ставот, дециден е Спасовски, дека не може да има недопирливи, дали се тоа од СДСМ, од ДУИ, Алијансата, дали од ВМРО или кој било друг.

– Зошто политичарите би биле попривилегирани од кој било друг граѓанин во државата. Во тој дел не смее да има ниту селективност, ниту да бидеме нетранспарентни. Не можеме сепак да правиме нешто што не се базира на реални податоци или ако имаме таква ситуација и ако знаеме дека тоа возило било во моментот на извршување на такво кривично дело, ако знаеме дека во тоа возило бил тој човек што е потенциран, секој еден во државата како граѓанин има обврска да се јави во Обвинителство и да ги даде тие податоци што ги има, порача Спасовски.