October 20, 2020 19:01
Балкан

Словенија ги заострува мерките поради рекордниот број на новозаболени од Ковид-19

Во последните 24 часа во Словенија се потврдени 137 нови случаи на инфекција со коронавирус со направени 3.557 тестови, што е за 33 повеќе од претходниот ден и е нов рекорден број на потврдени дневни инфекции од почетокот на епидемијата, објави словенечката влада.

Поради големиот пораст на бројот на новоинфицирани во последните две недели, Словенија беше ставена на списокот на епидемиолошки небезбедни дестинации од страна на британската влада, откако тоа го направија Норвешка, Шведска, Литванија и Естонија претходните денови, објавија словенечките медиуми.

Бројот на активни случаи на инфекција во Словенија во моментов е 1116, од вкупно 4195 потврдени инфекции регистрирани од почетокот на епидемијата, објави словенечкото Министерство за здравство.

Во болниците има 67 пациенти со Ковид-19, што е за седум повеќе од претходниот ден, а 11 од нив се на интензивна нега. Беа забележани четири нови смртни случаи, а бројот на жртвите се искачи на 138.

Бидејќи следните десет дена се сметаат за клучни за смирување на епидемиолошката состојба, владата на Јанез Јанша ќе воведе задолжително носење маски на јавни простори како што се пазари, но и во училници и универзитетски сали.

Владата разгледува и можно ограничување на дозволеното дружење на луѓето на најмногу шест лица. Покрај тоа, од следната недела ќе се ограничи работата на гостилниците, клубовите и другите локали, па ќе им биде дозволено да работат до 22 часот, а предвидени се и некои ограничувања за работата на продавниците, објавија медиумите.

Од друга страна, владата го повикува населението да преземе одговорност и доследно да се придржува кон основните епидемиолошки мерки – одржување на потребното растојание, хигиена на рацете и избегнување приватни собири надвор од семејниот круг, како што се родендени и други прослави.