November 23, 2020 16:49
Свет

Словачка ќе ги тестира сите граѓани постари од 10 години

Словачка планира да ги тестира сите граѓани на возраст над 10 години за коронавирусот во текот на следните два викенда, рече премиерот Игор Матович на прес-конференција, додавајќи дека станува збор за проект што владата го подготвува во последните три недели.

Сè уште не е јасно дали ваквото национално тестирање ќе биде задолжително или доброволно, наведува државната агенција ТАСР.

Тестирањето на целото население, како што објасни, има за цел да го открие вистинскиот број на заболени лица во земјата.

Децата помали од 10 години нема да мора да бидат тестирани, рече Матович, објаснувајќи дека одлуката е донесена врз основа на совети на педијатри.

Програмата за тестирање ќе почне во жариштата на епидемијата следниот викенд, а ќе продолжи во другите делови на земјата на 31 октомври и 1 ноември.

Словачка има околу 5,5 милиони жители, а тестирањето ќе се организира слично на изборите, така што ќе има околу 6.000 пунктови во земјата каде што ќе работат седумчлени екипи.

Со цел да не бидат преоптоварени здравствените работници, во акцијата ќе им помагаат полицијата и армијата.

Времето на пристигнување за тестирање на граѓаните ќе биде одредено по азбучен ред, со цел да се спречат собири пред пунктовите, рече премиерот, додавајќи дека тестирањето ќе биде бесплатно.

Матович рече дека не сака да се најде во ситуација да мораат да градат полски болници и лекарите да бидат принудени да изберат кого да лекуваат, а кого да остават да умре.

„Ако успееме да ја спроведеме оваа акција, можеме да бидеме пример за целиот свет“, рече тој.