December 1, 2020 09:06
Култура Магазин

Следните два дена џез фестивал во Куманово

 Традиционалниот петти „Џез фестивал” ќе се одржи наредните два дена во кумановскиот Центар за култура „Трајко Прокопиев” на кој поради актуелната ситуација со Ковид-19 ќе настапат само македонски музичари.
Двете вечери ќе почнуваат од 20 часот, а според организаторот – Институтот за наука, уметност, култура и спорт, со фестивалот се постигнува целта – афирмација на џез музиката и џез културата.

– Оваа година, поради целата ситуација што ја имаме, ќе настапат претежно македонски артисти. Имавме друга програма, но поради затворените граници, мораме да се приспособиме на состојбата, изјави Филип Стевановски, уметнички директор на Џез фестивалот.

Првата вечер ќе настапат „BRASSTET SKOPJE” и „NEXT TO SILENCE”, а втората вечер кумановци ќе уживаат во „ZULU 3.4″ и Владимир Четкар со својот секстет.

– Тој веќе е наша светска ѕвезда, а добро е што во овој период е во Македонија и можеме да го планираме да ги вклучиме во фестивалот, истакна Стевановски.

Билетите се во продажба од 13 октомври и можат да се купат на билетарницата во Центарот за култура „Трајко Прокопиев”. Фестивалот е поддржан од Министерството за култура. Влезот ќе биде во 19 часот заради предвидените протоколи. Капацитетот во салата е 110 лица.