December 5, 2022 22:38
Магазин

Следниот Џејмс Бонд ќе има триесеттина години, вели продуцентот

Мајкл Г. Вилсон навести дека следниот Џејмс Бонд ќе биде на возраст околу 30 години или малку повеќе. 80-годишниот продуцент, заедно со неговата полусестра Барбара Броколи, е задолжен за изборот на замената на Даниел Крег како 007 и откри дека бараат ѕвезди на одредена возраст за таа улога.

Говорејќи на настан на БФИ по повод 60 години од филмовите за Џејмс Бонд, Вилсон истакна дека кастингот за новиот Бонд допрва треба да започне.

„Во минатото се обидувавме да гледаме помлади луѓе. Но, обидот да го визуелизираме тоа, не функционира,“ рече тој.

„Бонд е веќе ветеран. Имал одредено искуство. Тој е човек кој поминал низ војните, така да се каже. Тој веројатно бил во САС или нешто слично.“

„Тој не е некое дете од средно училиште што можеш да го донесеш и да започнеш. Затоа треба да има барем триесет и нешто.“

Вилсон откри дека сцената на заведување во филмот „Од Русија со љубов“ (1963) – во која Шон Конери ја наоѓа советската воена службеничка Татјана Романова (ја глуми Даниела Бјанки) во неговиот кревет – секогаш се користи за испитување на оние кои сакаат да го глумат префинетиот шпион.

Продуцентот објасни: „Секогаш ја користиме истата сцена… а тоа е онаа во „Од Русија со љубов“, каде Бонд се враќа во својата соба по атентатот, и почнува да ја соблекува кошулата за да се капе.

„Тогаш тој слуша нешто, го зема пиштолот, влегува…и девојката е во креветот“.

„Амазон“ сега ги има правата на Бонд серијалот откако го купи МГМ, но Вилсон истакна дека 007 ќе продолжи како и секогаш и покрај промените зад сцената.

„Тоа е сосема нов свет. Мораме да видиме што ќе се случи со Амазон. Но, секогаш ќе има Бонд,“ рече тој во интерву за „Дедлајн“.