April 22, 2019 04:37
Свет

Следниот час е пресуден: Пожарникарите не се сигурни дека може да го изгаснат огнот во Нотр Дам

Пожарникарите не се сигурни дека пожарот што попладнево околу 18 и 50 часот ја зафати монументалната катедрала Нотр Дам во Париз ќе биде изгаснат пред да биде предизвикана огромна штета.

Пред околу еден час се урна главната кула на еден од најпосетените историски споменици во Европа, а пожарникарите сè уште се борат со огнот.

Извор: Би-би-си

Портпаролот на противпожарната единица во Париз за „Ројтерс“ изјави дека следните час и половина се пресудни за да се утврди дали пожарот може да се изгасне наскоро.

„Се користат сите средства, освен канадери кои, ако се употребат, би можеле да доведат до колапс на целата катедрала“, рекол тој.

Заменик градоначалникот на Париз, Емануел Грегорие, изјавил дека е почната специјална акција во обид да се спасат уметничките дела кои се наоѓаат во катедралата.

УНЕСКО соошпти дека внимателно ја следи ситуацијата и ја поддржува Франција во зачувување и обновување на наследството со непроценлива вредност.

Реакции стигнаа од целиот свет. Американскиот претседател, Доналд Трамп, на „Твитер“ напиша дека е страшно да се гледа тој пожар и дека треба брзо да се делува.

Германската канцеларка, Ангела Меркел, рече дека страшните снимки од пожарот предизвикуваат болка затоа што Нотр Дам е симбол на Франција и на европската култура.

Богородичната црква или Нотр Дам е готска катедрала, која се смета за најубавиот пример за француската готска архитектура. Името Нотр Дам на француски значи „Нашата Госпоѓа“ (Богородица или Дева Марија). Ова е една од најубавите готски катедрали во светот градена во текот на целиот готски период. Скулптурите и витражите се одликуваат со големо влијание од натурализмот за разлика од пораната романска архитектура.

Изградбата почнала во 1163 година за време на владеењето на кралот Луј VII. Изградбата на западната страна, со двете карактеристични кули, почнала околу 1200 година. За време на периодот на изградба на проектот работеле многубројни архитекти, како што може да се види по разните стилови и висини на западниот дел и кулите. Помеѓу 1210 и 1220 година се вклучил и четврти архитект, кој ги изградил нивото со розетен прозорец и големите сали под кулите. Кулите биле завршени околу 1245 година, а самата катедрала била завршена околу 1345 година.

Нови вести

Хамнеи именуваше нов водач на Револуционерната гарда

Filip

Порошенко го призна поразот, не се повлекува од политика

Filip

Повеќето напади во Шри Ланка ги извеле бомбаши-самоубијци

Filip