November 24, 2020 01:06
Економија

СКТМ: Непотребен и претенциозен е повикот за оставка на Љупчо Јаневски

Стопанската комора за туризам на Македонија (СКТМ) реагира на повикот од одредени здруженија и асоцијации со кој се бара оставка од првиот човек на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, оценувајќи го како непотребен и претенциозен.

-Да не заборавиме дека по иницијатива на Љупчо Јаневски во најтешките моменти од кризата на 27.02.2020 година беше формирано Координативно тело за справување со последиците од здравствената криза во туризмот и угостителството каде беа повикани со свои претставници да партиципираат сите засегнати страни. Преку тоа Координативно тело беа остварени голем број предлог-мерки во состав на трите претходни владини пакет мерки, наведува Комората.

СКТМ смета дека во очекување на реализација на четвртиот пакет економски мерки од страна на Владата реалниот сектор заеднички треба да ја насочи енергијата кон побрзо остварување и изнаоѓање нови пристапи за нови видови соработка во оваа глобална ограниченост на делување.

-Во овие моменти е потребна соработка базирана врз постулатите на солидарност и професионализам, а не на лични амбиции, оценува Стопанската комора за туризам.