December 1, 2021 14:26
Економија

СКСЗМ во пресрет на изборите на средби со претставници на политичките партии

 Стопанската комора на северо-западна Македонија – СКСЗМ, во наредниот период ќе има средба со сите лидери на политичките партии што ќе учествуваат на овие локални избори, почнувајќи со коалицијата Алијанса за Албанците – Алтернатива, ВМРО-ДПМНЕ, Движење Беса, СДСМ,… Целта на овие средби, информираат од комората, е да се дадат конкретни предлози во која насока треба да се работи во следните 4 години, со цел да се забрза економскиот развој во земјата.

Преку овие средби, како што посочуваат, СКСЗМ продолжува со нејзиното влијание, со единствена цел да го подобри екосистемот на водење бизнис во нашата земја, каде што истото се докажа со нејзиното активно учество во подготовката на анти-ковид мерките во последниот период.

– Традиционално, Стопанската Комора на Северо-Западна Македонија во пресрет на изборите, без разлика дали се локални или парламентарни, има покането и реализирано средби со најрелевантните политички субјекти во земјата, каде ја има претставено својата платформа. И оваа година, како што информираат, СКСЗМ подготви платформа за локален економски развој на Северна Македонија, врз основа на анализи и истражувања, како и врз основа на деловните проблеми со кои се соочуваат секојдневно, информираат од СКСЗМ.

Платформата, велат, е подготвена врз основните начела како што се транспарентност и отчетност, ефикасност на општинската администрација, развој на локални бизниси и модерна и функционална инфраструктура. Составена е, како што велат, од важни точки како што се законодавството, реформи во институциите, развојот на локалната економија, инфраструктурата и животната средина, земјоделството, развојот на летниот и зимскиот туризам, како и транспарентност и отчетност.