April 15, 2021 10:15
Скопје

Скопје има пет пати подолга велосипедска мрежа од Софија споредбено со бројот на жители

Една од највлијателните невладини организации во Бугарија „Спаси ја Софија“ чија иницијатива има за цел да ги идентификува проблемите во главниот град на Бугарија и да предложи адекватни решенија, на својата фејсбук страница која брои повеќе од 100 илјади фанови, објавува компарација помеѓу велосипедските патеки во Скопје и Софија, пренесува Фронтлајн.

Активистите наведуваат дека во Скопје се градат 15 км нови велосипедски патеки годишно, а во последниве три години изведени се на 37 улици. Истакнуваат дека велосипедската мрежа во Скопје веќе е долга повеќе од 100 км и нагласуваат дека Град Скопје дава субвенции за купување велосипеди во вредност од 100 лева.

„Како резултат на доследните мерки, со повеќе од 10.000 купени велосипеди во последниве години, околу 5% од сите патувања низ Скопје се вршат со велосипед, што сериозно го растоварува движењето во хаотичниот главен град на Балканот.“, велат од „Спаси ја Софија“.

Од друга страна нагласуваат дека во бугарскиот главен град во 2020 година се изградени само еден километар велосипедски патеки и дека градот Софија не прави апсолутно ништо за развој на велосипедската мрежа и стимулирање на употребата на најеколошкиот и ефтин превоз.

„Скопје има пет пати подолга велосипедска мрежа од Софија, во споредба со своето население и јасно докажува дека мантрите дека е до менталитетот, климата и недостатокот на простор, се само шупливо алиби за неспособност. Да ги ставиме работите на скала – 15 км нови велосипедски патеки за Скопје се како 45 км за Софија. И тоа за три последователни години – замислете за каква радикална промена и чекор напред станува збор?“, потенцираат од „Спаси ја Софија“