December 2, 2022 09:35
Општини

Скопје го чека ставот на новата политичка Влада во Софија на одговорите од пакетот 5+1

Реафирмирана поддршката од Унгарија и од Грција за што поскоро отворање на преговорите на Северна Македонија со Европската унија. Скопје одговори на пакетот 5+1 испратен од Софија како предуслов за поддршка за преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција и го чека ставот на новата Влада во Бугарија. Првата средба со новиот премиер Кирил Петков е најавена за јануари.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи на прес-конференцијата, по средбата со неговиот унгарски колега Петер Сијарто, изјави дека не очекува дека може да се случи да усвоиме преговарачка рамка, а да нема конкретен термин за одржување на меѓувладина конференција што е барање од Бугарија.

-Преговарачката рамка е документ на Советот на ЕУ, меѓутоа тој документ мораме да го прифатиме ние. Така што, мислам дека нашиот став ќе биде јасен дека повеќе нема да прифатиме какви било чекори што ќе значат неизвесност за продолжување на процесот понатаму, изјави Османи вчера во одговор на прашањето дали е можно барањето на Бугарија да се усвои преговарачката рамка, а да не се даде датум.

Северна Македонија, рече Османи, имаше беспрекорен извештај на ЕК по однос на исполнување на критериумите, одржа политичка стабилност во државата, а тоа е важно, како што рече тој, затоа што доколку не би одржале политичка стабилност тоа би било аргумент плус за државата да не ги почне преговорите.  

– Одговоривме на пакетот 5+1 што беше испратен од страна на Бугарија како предуслов за нивна поддршка за преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција. Северна Македонија ги прати тие одговори, ги предадов лично на министерот Стоев уште за време на Самитот на НАТО во Рига и мислам дека со тоа ние го комплетиравме нашето досие и навистина не треба да се впери прст кон нас поради која било причина за незапочнување на преговори, истакна Османи, додавајќи оти  разговорите продолжуваат понатаму.

Одговоривме, продолжи Османи, по однос на сите прашања и по однос на проблемот на краткото и долгото име, начинот како може да се реши тоа прашање.

– Одговоривме на прашањето на немешање во внатрешните прашања во соседните држави. Одговоривме кон барање за механизми за спречување на говорот на омраза во двете држави, рехабилитација на жртви на комунизмот, на барањето за внесување на Бугарите во Уставот и за работата на Историската и образовната комисија. Сметам дека ова е доволно за да може да се затвори ова прашање, меѓутоа чекаме одговор од страна на Бугарија по однос на тие ставови и кои се надевам ќе продолжат преку средба на високо ниво во наредниот период, рече тој.  

Османи, појаснувајќи ја изјавата дадена за бугарската национална телевизија, дека во јануари би можело да се дојде до решение, истакна дека неговиот став е дека доколку се има политичка волја навистина не се потребни уште шест месеци да се држи државата во неизвесност, европската перспектива и регионалната динамика.

– Имајќи го предвид досегашниот тек во разговорите, тој термин е предолг за надминување на разликите и предолго е за почетокот на преговори за Северна Македонија, бидејќи, кредибилитетот на Унијата повеќе не може да издржи уште шест месеци, но и регионалната динамика тешко може да се одржи со дополнителни непредвидливи шест месеци и дека доколку се има политичка волја може уште јануари да биде наредната можност за надминување на разликите. Тоа беше интерпретирано во јавноста како јас да сум го потврдил јануари како период кога ќе се надмината разликите, рече Османи.

Шефот на дипломатијата истакна дека сега се чека да се види ставот на новата политичка Влада во Бугарија.

– Сепак, досега комуникацијата беше со службената влада. Мораме да почекаме до првата средба, што премиерот Петков ја најави за јануари за да точно знаеме како понатаму со ова прашање. Нашите позиции се јасни, тие се утврдени и во Собранието преку консензус, меѓутоа и во ставот што Владата конзистентно го комуницира до Бугарија. Ќе видиме сега кој е ставот на новото бугарско раководство, рече Османи.  

Во однос на тоа дали веќе се работи на формирање на новите работни групи со Бугарија, Османи рече дека ставот на Петков за работни групи што ќе се фокусираат на теми од сегашноста и иднината се веќе предвидени како инструмент во Договорот за добрососедство од 2017 година.

– Договорот предвидува Меѓувладина комисија во која што учествуваат ресорните министри што ги покриваат темите од овие работни групи. Така што најдобриот начин е да се одржи состанокот на Меѓувладината комисија. Меѓутоа, сепак, ќе видиме на оваа средба со премиерот Петков кое е неговото видување по однос на тие работни групи и дали тоа го предвидува во рамки на постоечкиот процес или како нови работни групи коишто би се формирале со тоа што јас би преферирал да се вратиме на инструментите од Договорот, а тоа е реактивизирање на Меѓувладината комисија, истакна Османи. 

Унгарскиот министер за надворешни работи и трговија изјави дека изостанувањето на започнување на преговорите со Северна Македонија е нечесен чекор од страна на ЕУ, бидејќи земјата направи се што е неопходно за да го отвори преговарачкиот процес. Тој упати и замолница до Софија да не го попречуваат започнувањето на преговорите.

– Ние бевме незадоволни и фрустрирани од заклучоците во Брисел во врска со проширувањето и сите тие одлуки ги сметаме за многу неправедни. Ако сакавме да бидеме чесни ќе требаше да кажеме уште во оваа година Северна Македонија и Албанија треба да започнат со преговорите. Со почит ги замолуваме нашите пријатели од Бугарија нивните национални прашања што ги сметаат како пречка да ги реализираат во текот на преговорите, а не со попречување на започнувањето на преговорите, подвлече Сијарто на прес-конференцијата во Скопје.

Тој оцени дека изостанувањето на почетокот на преговорите е нарушување на кредибилитетот на ЕУ, бидејќи од една страна ЕУ признава дека Македонците направија голем напредок, а од друга страна не ги започнува преговорите. – И заради тоа, оваа состојба ја сметаме за штетна, опасна и спротивна на принципите на ЕУ и по прашањата за безбедноста и по прашањата на економскиот развој, истакна Сијарто.

Географската позиција на Западен Балкан, оцени тој, изгледа влијае на тоа се потешко да можеме да ги разбираме процесите што се случуваат во регионот и имаме чувство дека политиката на ЕУ која ја води кон Западен Балкан станува се понеефикасна.

– Унгарија бара преговорите со Северна Македонија и Албанија веднаш да започнат. ЕУ сега е пред историски предизвици и затоа би ни требало еден позитивен успех и сметаме дека проширувањето би значело успех за ЕУ и затоа Унгарија ќе прави се што е можно побрзо да започне проширувањето кон Западен Балкан, рече шефот на унгарската дипломатија.

Османи од своја страна, го поздрави успехот на словенечкото претседателство, за да обезбеди консензус за извештаите на Комисијата за земјите од Западен Балкан, и за заклучоците на ЕК за регионот, и тоа, како што рече, покажува дека и покрај предизвиците со кои се соочуваме, ЕУ останува присутна и посветена на Западниот Балкан.

– Сепак, овој делумен успех овде кај нас влезе во длабока сенка на неуспехот на Унијата да обезбеди консензус за операционализација на сопствената одлука од март, минатата година, за почеток на преговорите за Северна Македонија и Албанија. Свесни сме дека одлуките на Советот на ЕУ се носат со консензус, но се помалку граѓани на нашите земји имаат разбирање за тоа на каков начин и со какви аргументи се користи таа привилегија од земји-членки, додаде Османи.

Тој истакна дека несомнено е дека довербата во процесот на проширување е на најниско ниво, а тоа го загрозува кредибилитетот и на целата Унија и создава нови кризи во целиот регион. Додаде дека искрено, се надева дека со новата политичка гарнитура, почнува и нов визионерски процес на доверба меѓу двете држави.

Бугарија е полноправна членка на ЕУ, додаде Османи, истакнувајќи дека со право очекува новата Влада во Софија да покаже европски сензибилитет, партнерски однос, и грижа за соседите.

– Ние сме веќе НАТО сојузници, и нашите пријатели во НАТО, како што е еве и Унгарија, очекуваат да покажеме дека сме зрели да ги надминеме меѓусебните разлики, и со тоа да придонесеме во зајакнување на заедничката безбедност и стабилност, истакна Османи.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на средба со неговиот бугарски колега Кирил Петков, вчера во Софија изјави дека очекува наскоро да бидат свикани првите меѓувладини конференции на Европската Унија со Северна Македонија и Албанија, додавајќи дека позицијата на Грција во време на растечки тензии е дека единствениот исправен пат во полза на сите е придвижување на Западниот Балкан кон ЕУ.

– Пред се, најважно е добрососедството. Очекуваме наскоро да се свикаат меѓувладините конференции со Република Северна Македонија и Албанија, нагласи Мицотакис, потенцирајќи дека Грција која „отсекогаш била лост за напредок на регионот, очекува поддршка од Бугарија за оваа заедничка цел”.

Мицотакис, кој престојуваше во посета на Софија, нагласи дека Грција и Бугарија не се само соседи, туку и сојузници и партнери, кои го почитуваат меѓународното право и дека стратешкото партнерство меѓу нив е клучно за стабилноста на регионот.

Бугарскиот претседател Румен Радев, пак, за време на разговорите со грчкиот премиер Мицотакис во Софија повикал Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Република Северна Македонија и Преспанскиот договор меѓу Грција и Северна Македонија да бидат вклучени во преговарачката рамка за членство на земјава во ЕУ.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, заедничкиот став на двајцата бил дека европската интеграција на Република Северна Македонија е во интерес на целиот регион, но процесот треба да се поврзе со почитување на европските вредности и преземените обврски во билатералните договори.

Лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски и иден мандатар, вчера на средба со евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир истакна дека Владата предводена од СДСМ останува посветена на барање заедничко прифатливо решение, со Бугарија, согласно европските вредности.
Има одредени сигнали од премиерот Петков и очекувам да дојдеме до решение. Нашите граѓани сакаат и заслужуваат да живеат по вредностите на стандардите и вредностите на ЕУ, затоа ќе се посветиме на реформите кои овие вредности ги носат во нашата држава, изјави Ковачевски.
На средбата со Гир, како што соопшти СДСМ, Ковачевски се заблагодари на постојаната поддршка од ЕУ и истакна дека како новоизбран претседател на СДСМ и иден претседател на Владата пред себе има поставено неколку приоритети во работата – ефикасност на институциите, решавање на предизвиците со енергетската криза и пандемијата, реализација на економски реформи, неселективна борба против корупцијата кои ќе доведат до повисок економски стандард, и напредок на евро-интеграцискиот пат на државата и оти во сите овие приоритети, ЕУ ја гледаме како наш партнер.
Евроамбасадорот Гир упатил честитки до Ковачевски за неговиот избор, додавајќи дека и тој и новата Влада ќе продолжат да имаат силен сојузник во ЕУ и дека тоа ќе се покаже на дело. Унијата, додал Гир, ќе помогне да се дојде до заедничко прифатливо решение со Бугарија со цел Северна Македонија да ги започне преговорите за членство во ЕУ.