Балкан

Скандал ја тресе Босна по смртта на епидемиологот Пашагиќ: Мојот сопруг го уби здравстевниот систем, а не Ковид 19

Во Босна и Херцеговина досега 34 лица починаa од коронавирус, но оваа држава е потресена од скандалот околу починатиот епидемиолог д-р- Шефик Пашагиќ, член на Светската здравствена организација за Југоисточна Европа и член на Комората за епидемиологија на САД и на БиХ. Тој почина на 5 април, по 14-дневна агонија. Неговата сопруга, Елна, до тамошните медиуми даде информации кои сериозно го обвинуваат здравствениот систем на БиХ.

Елна Пашагиќ вели дека нејзиниот сопруг го убил здравствениот систем, а не короната и се прашува што може да очекуваат пензионери или работници, кога таков третман добил угледен и реномиран лекар и епидемиолог.

Нејзиниот сопруг добил треска на 25 март, а по два дена се јавила во Здравствениот дом „Вразова“ каде имал матичен лекар, но од таму, без никаков преглед и испитување ѝ рекле Шефик да почне со пиење антибиотик Клацид . Таа прашала дали некој може да дојде да го прегледа и дека е подготвен „веднаш да биде тестиран за коронавирус за да ги заштити другите“.

– Ми рекоа дека немаат заштитна опрема и не можат да дојдат, па ми рекоа да повикам брза помош. Од таму ми беше кажано да се јавам во семејна медицина во „Вразов“. Повторно се јавив таму, но и тие ми кажуваат дека не можат да излезат бидејќи немаат заштитна опрема, вели Елна.

Таа на крајот  му дала Клацид на својот сопруг, но температурата не се спуштила. Очајната жена пак се јавила во Здравствениот дом „Вразова“, а тие ја упатуваат во локалниот Здравствен дом „Омер Маслиќ“, во Ново Сараево.

-Им велам дека пациентот веќе четврти ден е со температура и прашувам дали навистина е важно каде живеат и дека се што им треба е во картонот. Потоа се јавив во „Омер Маслиќ“ каде д-р Сања Солдо вели дека Шефик ѝ е пријател и дека треба да ја повикаме Епидемиолошката служба , продолжува Елна.

Откако повторно ги префрлаат од една во друга институција, а ситуацијата се влошува, на крајот кај нив дошла д-р Солдо, без заштитна облека, со маска и раквици, и како што им кажала, дошла зашто Шефик ѝ е пријател. Таа го прегледала и рекла дека нема пневмонија, па дала упат да направат лабораториски наоди, но не во „Омер Маслиќ“, туку во „Вразова“. И како што вели Елна, сè повторно се врти во круг. Од еден здравствен дом ја префрлале на другиот и сите се жалеле дека немаат заштитна опрема. Состојбата на нејзиниот сопруг постојано се влошувала, но една недела по почетокот на болеста, на 31 март, на Шефик Пашагиќ му бил земен брис.

– Ни помогна еден епидемиолог од Институтот за јавно здравје, а на 1 април, Институтот потврди дека тестот за коронавирус е негативен. Во меѓувреме, приватно направивме комплетна крвна слика која покажа дека тој е анемичен, дека организмот паѓа. Тие велат да се смириме и да почнам да му давам на мојот сопруг цвекло и спанаќ, за да ја подобрам крвната слика, се сеќава Елна.

Бидејќи инсистирале, конечно добиле упат за Клиниката за пулмологија. Но тогаш пак почнува агонијата. Викаат брза помош, а двата здравствени центри се караат кој ќе го испрати возилото.

-Чекавме брза помош два часа, иако наодите покажаа дека неговите бели дробови се воспалени, а крвната слика е слаба. Новиот тест повторно се покажува негативен, но седи целосно измрцварен во чекалната од 17 часот до полноќ, кога го тестираат по трет пат и го сместуват во соба.

Резултатите од третиот тест покажуваат дека д-р. Шефик Пашагиќ е позитивен на коронавирус. Конечно, на 5 април Елна ја прашува болницата зошто никој не му ја проверил крвната сликана четири дена. Околу 16 часот ѝ јавиле дека Шефик ќе биде ставен на респиратор.

– Чекаме до 17 часот да не известат дали е завршена анестезијата, интубацијата и ставањето на респиратор. Се јавуваме неколку пати, никој не одговара. Во 18 часот не известија дека починал кога му давале анестезија. Тие дури и не го ставија на респиратор. Ми рекоа дека не можат да прават наоди на тоа одделение, иако утрото ги потсетив да направат и крвна слика,  ја раскажа Елна нејзината ужасна приказна.