August 15, 2020 03:18
Балкан

Ситуацијата во јавниот превоз и местата за забава во фокусот на разговорите на Мицотакис со епидемиолозите и надлежните министри

За тековната ситуација и справувањето со пандемијата, со акцентот ставен на јавниот превоз и местата за забава разговарал грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис со надлежните министри и со епидемиолозите на денешната средба преку видеоконференција, јави дописничката на МИА од Атина.

-Ако оцените дека треба да го вклучите алармот за преземање некоја мерка, не се двоумете да го сторите тоа навремено, им порачал Мицотакис на епидемиолозите.

На состанокот било констатирано дека зголемениот број случаи не довел до влошување на епидемиолошката слика во земјата, но била потенцирана потребата строго да се спроведуваат мерките, да се избегнуваат гужви и да се користи маска.

На состанокот присуствувале министерот за здравство, заменик-министерот за цивилна заштита, државните министри, претседателот на Националната организација за јавно здравје, како и шефот на експсертската комисија во Министерството за здравство на Грција.