April 15, 2021 10:45
Спорт

Сити ги скротија и Волците за 21-ва победа во низа

Манчестер сити ја демонстрираше силата во Премиерлигата со нова победа, 15-та по ред во англиското првенство и вкупно 21-ва во сите натпреварувања, откако ги прегрмеа сите закани вечерва против незгодниот Вулверхемптон.

По апсолутната доминација цел час на свој терен и предноста од 1:0 со автоголот на Дендонкер од 15. минута, Коуди успеа да израмни на 1:1 и да се закани дека Волците можат да ја прекинат блескавата низа од победи на лидерот во Премиерлигата.

Сепак играчите на Манчестер сити покажаа дека се моќна екипа, непобедлива во 2021 година и со погодокот на Габриел Жезус во 80. минута го одбија нападот на гостите и славеа нов триумф.

Во самиот финиш на мечот Ријад Марез и Габриел Жезус со два гола ја потврдија новата победа на Манчестер сити, со која се зацврстија на врвот на табелата со 65 бода, 15 повеќе од Манчестер јунајтед со меч повеќе.