October 26, 2020 02:19
Култура

Синтезис со концерт ќе прослави 25 години артистичка кариера

 Групата Синтезис вечер со славенички концерт на плоштадот Мајка Тереза (плато пред МОБ), ќе го одбележи 25 годишниот јубилеј од артистичката кариера.

Концертот почнува во 20 часот, а специјални гости ќе бидат Влатко Стефановски и Наум Петрески.

Етно групата Синтезис во изминативе 25 години има одржано повеќе од 500 концерти на сите континенти и настапи во некои од најпознатите светски сали и фестивали. Од своето основање во 1995 година, Синтезис се чувари на македонската традиционална музика, и нејзини оплеменувачи со нови музички форми и елементи. Групата има издадено осум албуми и има соработувано со најпознатите македонски музичари – Влатко Стефановски, Тоше Проевски, Наум Петрески и Борис Трајанов, како и со познати балкански имиња меѓу кои и Биља Крстиќ и Бистрик.

Концертот ќе биде одржан со почитување на протоколите за организирање на настани во време  на пандемија од Covid 19,  а билетите во строго ограничен број по цена од 200 денари се пуштени онлајн и на сите продажни места на Купи Карти За Се.

Концертот е поддржан од Министерството за култура, Град Скопје и Комерцијална Банка АД Скопје.