February 3, 2023 12:18
Македонија

Синдикатот на УКИМ најави потпишување на колективниот договор до 29 декември

Конечниот колективен договор ќе биде потпишан најдоцна до 29 декември, а ќе претходи уште една средба, на 9 декември, со министерот за финансии  за исполнување на нашето барање за 25-процентно покачување на платите на вработените во наредните четири години, изјави проф. д-р Ангел Ристов, претседател на Сојузот на синдикатите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” по денешниот состанок со Талат Џафери, претседател на Собранието кое е основач на УКИМ.

За медиумите тој рече дека денеска имале конструктивна и плодна срeдба со претседателот на Собранието, заедно со адвокатката Мимоза Салтирова во својство на помирувач, врз основа на барањето на Синдикатот на Скопскиот универзитет за мирно решавање колективен спор со нејзино посредство согласно со Законот за мирно решавање на работните спорови.

-Ова е голема вест, радосна вест за вработените на најстариот и најголем универзитет и можеме слободно да кажеме дека по две години борба низ институциите, правна борба, не со штрајкови и со блокади како што гледаме секој ден по улиците узурпирајќи го правото на граѓаните слободно да се движат, успеавме да дојдеме до ветување дека конечниот договор ќе биде потпишан најдоцна до 29 декември, со тоа што на 9 декември ќе имаме средба со министерот за финансии да видиме како стои нивното размислување и просторот во однос на нашите барања за 25-процентно покачување во наредните четири години. Доколку не наидеме на разбирање тогаш Собранието, како највисок законодавен орган претставувано од неговиот претседател, ќе го потпише нашиот колективен договор, изјави Ристов по средбата  што се одржа во Ректоратот на УКИМ.

 Колективен договор што треба да биде потпишан ги застапува интересите на 2400 вработени, поголем дел се наставен кадар односно професори, но и ненаставен кадар кои се повеќе од илјада. Ристов нагласи дека нивната двегодишна синдикална борба повеќе се однесувала на  ненаставниот кадар затоа што тие не биле опфатени со, како што рече,  минималното покачување предвидено со потпишаниот гранков колективен договор.

-Имајќи предвид дека инфлацијата е галопирачка и тешки се условите за живот,  особено за нив, ова е знак на надеж дека конечно државата се свртува кон високото образование, кое е и иднината на државата, кон младите студенти. Се надеваме дека ќе дојдат подобри денови за УКИМ за подобрување на стандардот на вработените – и на наставниот и на ненаставниот кадар, но секако и за зголемување на квалитетот на знаење за студентите на УКИМ, додаде Ристов.

Адвокатката Салтирова, помирувач во решавање на работниот спор меѓу Синдикатот на УКИМ и Собранието како основач на Универзитетот, исто така оптимистички изјави дека договорот е на повидок и рече дека ова е „историски процес во Република Северна Македонија во однос на помирувањето”.

-Од почетокот на овој процес ги искористив сите законски можности, прибирав информации, остварував непосредни контакти со двете страни и немав никакви потешкотии или пречки. Напротив, постоеше преубава атмосфера за работа.  Очигледно е дека работите ни одат добро, имаме уште една средба по оваа, но на повидок е да се прифати заедничко решение. Со тоа, сметам дека овој спор ќе се оконча со потпишување спогодба која ќе биде дел од колективниот договор, истакна Салтирова која оптимизмот го темели на  тоа што претседателот на Собранието на средбата напомнал дека ова не го гледа како спор.

Таа не откри детали што е конкретно договорено на денешната средба, вклучително и за тоа дали и колкаво покачување  ќе има на платите, затоа што преговорите сè уште ќе траат и следната средба е на 9 декември.

-Ќе видиме каква ќе биде финалната проекција во однос на покачувањето на коефициентите. За претседателот на Собранието ова не е спорно, но тука се усогласуваме со обезбедувањето на финансиските средства што не зависи од него. Тој има волја да го потпише колективниот договор уште денеска, но самиот рече дека не е поентата да се потпише нешто кое не би можело во целост да се спроведе. Затоа преговорите ќе продолжат во однос на утврдување на висината на платите, додаде помирувачот Салтирова.

Доколку на следната средба не се најде решение за обезбедување на финансиите, рече таа, во тој случај претседателот на Собранието има дискрециско право да го потпише колективниот договор онака како што бара Синдикатот.